ММС

Барселона нема да ја плати клаузулата за Лаутаро Мартинез

Според италијанските медиуми, денес истекува периодот за активирање на откупната клаузула на напаѓачот на Интер, Лаутаро Мартинез. Аргентинецот претходните месеци беше постојано поврзуван со трансфер во Барселона, но со оглед на тешката финансиска ситуација на каталонскиот клуб, но и цврстиот став на челниците за Интер околу сумата на играчот, Лаутаро најверојатно и следната сезона ќе го носи дресот на „нероазурите“.

Ова не значи дека Интер во летниот трансфер период нема повторно да седне на маса со Барселона и да преговара околу неговото заминување, но барем за кратко му дава одредена сигурност на тимот од Милано дека младиот напаѓач би можел да се задржи уште една година минимум во тимот на Антонио Конте.

Претседателот на Барселона, Бартомеу, за RAC1 изјави дека не сака да зборува за трансфери и дека немаат зацртано посебен датум за финализирање на некои од нив, доколку дојде до тоа.

Во меѓувреме, извршниот директор на Интер, Џузепе Марота, изјави дека нема интенција да продава играчи од овој тим на Интер, доколку самите тие не го побараат тоа.