ММС

Оро веќе не се игра, а песни се нарачуваат по келнерот- Пејачката Сања Сани за забавите во време на корона

Нов начин на забава. Со страв и на дистанца. Одиш во ресторан да се опуштиш,  а се ограничуваш со забавувањето. А нели рестораните се место каде треба да се ослободиме од стресот. Но, вака најверојатно во иднина ќе изгледаат забавите. Ова ни го потврдува и пејачката Сања Гроздановска Сани, која по подолга пауза веќе настапува низ скопските локали.

-Внимавам јас, внимателни се гостите. Се е по протокол и на дистанца. Јас воопшто не се мешам со гостите, сите сме на дистанца. Самите гости си ги почитуваат протоколите и се веселат од место.  На маса за шестмина седат по четворица. Има многу голема разлика во забавата, не е таа забава како што била некогаш. Но, тоа не е причина да се затвориме дома и да не излегуваме, па цел пролет го преседовме дома. Може да се забавуваме и вака. И сега се нарачуваат песни, но се нарачуваат преку келнерот.  Нема веќе играње оро, гостите си се забавуваат на своите маси. Јас сама си ги држам гостите под контрола и не дозволувам да дојде до нарушување на протоколот, вели пејачката.

Пред неколку дена и таа се приклучи кон корона концертите, односно онлајн. Во неделата за сите оние кои сакаат да се опуштат  направи онлајн концерт насловен како „Сања и пријателите“.

-Презадоволна сум. Сакав да биде посебно, затоа имав специјални креации од Ива Спасовска, Владимир Трајковски се погрижи за шминката  имав и гости, професионалните танчерки од „Сара денс“. Сето тоа го организираше Ин ТВ. Сакав да направам онлајн журка со песни кои ги пеам на настапите и кои најмногу ги нарачуваат гостите, вели Сања.