ММС

Иднината на секој независен музичар е да биде доволно квалитетен, работлив и упорен, вели Владимир Четкар

За прв пат се свири во Њу Орлеанс кон крајот на 19-от век,  доживувал падови во популарноста и, всушност, ретко кога бил најпопуларниот музички израз но,  џез музиката до денес останува една од најважните појави во историјата на музиката. Големиот простор на импровизација и многу поголемата слобода кај џезот за разлика од кај класичната музика,  дозволува чувствата и емоциите да бидат буквално отсвирени, која го води слушателот низ слободата  на сопствената креација. Токму на тема џез и воопшто на тема музика  разговаравме со  македонскиот  мулти-талентиран, музичар, гитарист, вокалист и композитор Владимир Василевски Четкар.

Накратко би го опишале како некој кој целата душа ја дава во она што го работи, без резерва и без компромис, а во неговата музика ќе препознаете искрена емоција во секој еден тон, неретко инспирирана од магијата на природата.

  • Охрид, а и цела Македонија се гордеат на секој твој успех. Повторно не  направи горди со веста која ја добивме дека музиката на Четкар ќе се „врти“ низ музичката плеј- листа на познатиот бренд “Мекдоналс“ и тоа во Јапонија, каде има синџир од над 3000 ресторани. Музичкиот тим кој ја бира оваа плеј листа се води по мислата да се одбрани теми кои пред се ќе ги релаксираат и ќе им донесат пријатно чувство. Со оглед на тоа дека ти си комплетен автор на „Travel the world” , која е приказната зад ова музичко дело?

-Ви благодарам од се срце. Ми значи многу секој успех, мал или голем, бидејќи работам со љубов, без резерви и без компромис кога станува збор за квалитетот.“Travel The World“ е доста лирична, но и комплексна тема хармонски и аранжмански, а токму такви се и чувствата кои сакав да ги прераскажам со таа композиција. На почетокот на темата зборувам за емоциите кои се будеа во мене  уште како мало дете гледајќи го зајдисонцето. Секогаш кога сонцето  почнуваше со својот волшебен залез во мене имаше борба на емоции, на носталгија за тој единствен момент кој никогаш повторно нема идентично да се повтори, но истовремено и бурно чувство на предизвик кој ме тера да патувам и да го следам зајдисонцето фантазирајќи дека  токму таму каде што боите се најжарки и највеличенствени постои едно волшебно место кое некогаш во мојот живот ќе мора да го најдам. Песната е поттик за патување но истовремено потенцира дека при тоа целта на сите нас треба да ни биде искуството а не дестинацијата. Крајот на музичкото видео за ‘Travel The World’ кој го работаше Борче Димовски од Охрид завршува со сцена во Канео каде што веслам према залезот  во прилично бурни води  и завршува со мислата дека доколку сакаме да се спознаеме кој сме ние навистина треба да трнеме на далечно патешествие.

  •  Како живееш во Њујорк во услови на пандемија, кога се откажани настапите, каква е накратко сликата од таму ?

Во Њујорк ситуацијата моментално е малку подобра и градот почнува пополека да се буди Но, пандемијата остави големи траги кои се сеуште и тоа како видливи низ целата метропола. Допрва ќе треба да се отворат сите продавници, кафулиња, ресторани и ноќни клубови кои заедно со динамичните њујорчани го создаваа вистинскиот пулс и динамика на градот. Јас се трудам да сум дисциплиниран, да спортувам секој ден, да работам на нови материјали, да возам велосипед и уште еден мал милион работи кои ме држат во нормала и со позитивна мисла.

  • Знаеме дека Четкар сака да е физички активен, а велосипедот му е најдобар другар, која е далечината што си размислувал, а не си успеал да ја освоиш со твојот велосипед?

Како што спомнав во песната ‘Travel The World’ вистинската цел ми е искуството, а не дестинацијата или далечината. Сум изнајмувал и возел велосипед насекаде во светот, од јужна и централна Америка преку Европа до далечниот исток поради прекрасното чувство на слобода кое го имаш додека возиш велосипед. Истовремено велосипедизмот е и доста практичен бидејќи можеш да осетиш и видиш многу места во еден ден при тоа согорувајќи ги сите тие вкусни јадења на кој инаку сум голем мераклија.

  • Твоја прва љубов е виолината. Се наврати ли можеби на овој инструмент овие денови ?

Виолината е првиот инструмент кој почнав да го изучувам, иако денеска гитарата ми е главниот инструмент сепак како оркестратор често пишувам  гудачки аранжмани и при тоа фактот дека некогаш сум свирел виолина значитечно ми помага во процесот на аранжирање.

  • Дел од музичарите започнаа со музицирање онлајн, можен ли е ваков опстанок на музиката, без интеракција со публиката ? Размислуваш ли за да одржиш интернет настан?

Искрено не размислувам и не би сакал да дојде до тоа никогаш. Музиката и уметноста пред се е наменета за жива публика со која треба да има размена на емоции а  никако не е за пред мобилни телефони.

  • Што најмногу ти недостига од Охрид?

Мирисот на езерото и планините, насмевките на моите сакани луѓе, спомените кои виреат од секое ќоше и топлото и единствено  чувство на дома.

На кој настап си имал најмногу трема?

Би можел да издвојам два настапи на кој имав повеќе трема од вообичаената позитивна трема која е корисно да ја има секој уметник пред концерт. Првиот е во 2003 кога за прв пат настапив  во Античкиот Театар во Охрид во рамките на Охридско Лето и втор пат во 2008 година кога настапив на ЗИГЕТ во Будимпешта, еден од најголемите музички фестивали во светот, таа вечер сцената ја делев со американската легенда Масео Паркер што дополнително ми ја зголеми тремата. Среќен сум што и двата концерта поминаа феноменално и влијаеа многу позитивно врз мојата кариера.

  • Од денешна перспектива, како гледаш на моменталната музичка сцена, во која насока се движи џез музиката? Дали младите уметници имаат елан да создаваат нови дела од овој вид со оглед на се поголемата комерцијализација и во рамки на музиката?

Како и секогаш така и денес има нови генерации на супер талентирани музичари и бендови но, за жал денешните времиња се доста турбулентни за креативните музичари без разлика дали создаваат џез, рок или било кој друг музички жанр. Иднината на секој независен музичар е да биде доволно квалитетен, работлив и упорен за на крај да си ја пронајде својата публика во светот. Тоа е публика која преферира самата да одлучи што сака да слуша и која е верна за разлика од онаа на денешниот „мејнстрим“ која претежно е дефокусирана од малиот милион  реалити телевизии и лојална единствено на новата блескава работа што во моментот ќе се појави пред нивните телефони и телевизии. Не заборавајте дека има скоро 8 милијарди луѓе на планетата и предоволно публика за сите уметници и врсти на уметност.

  • За љубителите на добриот џез, кога нов албум ?

Албумот “Going home” го издадов пред година дена, тоа е релативно се уште тазе и не сум во брзање. Работам пополека на нови материјали и сум презадоволен од нив , па иако немам конкретна дата кога би го издал следниот студиски албум знам дека ќе биде исклучително квалитетен.

Кристина Алексиеска