ММС

„Требит да се смејш, да ти се истурет цревата од смеење“- Се сеќавате ли на Климе од К-15 или на Виќа од „Сомнително лице“?

Се сеќавате ли на „Јапти, јапти кокиче“, на скечот со скриена камера од К-15, на „Охриѓани во кајчето“, на рецитацијата  „Пролече“ , на  претставите „Сомнително лице“, „Ништо без Трифолио“, „Чорбаџи Теодос“, на „Волшебникот од Оз“, „Пинокио“, „Дедо мраз“ и дури.  Се сеќавате ли на Џафер во К-15,  или на Климе во неколку скеча, па на господин Виќа во „Сомнително лице“, во „Ништо без Трифолио“ беше Пинус, во „Чорбаџи Теодос“ беше Теодос , во „Волшебникот од ОЗ“ беше лавот, во „Пинокио“ беше лисицата и лошото момче Лучињоло и други..  Да, беше тоа Климе Новески од Охрид кој тогаш сите не смееше од срце, па и покрај тоа што повеќе од две децении е надвор оваа бранша, се уште не смее. Го пронајдовме во Охрид, но на големо разочарување на љубителите на хуморот, и тој, како и ние,  само се сеќава на тие моменти, на тие години и нема намера некогаш да се врати. Зошто Климе се повлече, зошто се разочара раскажа за mms.mk после 26 години.

 

Слика од лице место, како денес изгледа Климе

-Децении во Охрид  немаше театар, имаше разно разни обиди и завршуваа наивно. Горан Стојаноски, со кој бевме одамна другари, и Митко Серафимовски, ние тројца работевме на идејата заеднички да пробаме да создадеме база за иден професионален театар, да регрутираме луѓе да студираат драмски, па после да дојат да се покрене иницијатива за професионален театар… Но, идеите не наидоа на разбирање од тогашното раководство на Домот на културата, кон нас се поставија чисто бизнисменски, а идејата беше поблагородна, да ја вратиме културата во Охрид. Но, ниедна идеја не наиде на слух, самите ние како поединци и како екипа потфрливме, Горан прв потфрли и ние како аматери по него. Тука веќе по три години работа не гледав причина да останам, туку да се повлечам. Јас не бев  квалитетно способен да допринесам. Еднаш неделно имавме претстава, се продаваа карти до последно место, но после тоа пропадна се, иако луѓето со години потоа ме прашуваа зошто направивме така и дека е штета. Ама изгубив енергија и напуштив. Не би рекол дека само така ме снема. Ние, јадрото на екипата која се оформи есента, далечната 1993-та година, си поставивме некои цели. После три години заедничка работа, нашиот заеднички ентузијазам посветен на тие цели едноставно избледеа,  јас како единка не се чувствував повеќе спремен да продолжам и да придонесувам кон тоа што беше наша почетна идеја.

Имаше 24 години кога стана мега популарен а сега се поминати 24 откако те снема. Решивме да те извадиме од нафталин и да видиме колку ти е жал што не продолжи?

-Не ми е жал што не продолжив, упорно со главата во ѕид. Жал ми е што сите заедно потфрливме.

На твојот природен талент сите се воодушевуваа, а информациите се дека си се обидел да се запишеш на Драмски на факултет и не те примиле, па си се запишал во Бугарија и на пола си се откажал. Зошто?

-На Драмскиот факултет во Скопје пробав да се запишам летото 1993-та, пред да се собереме како екипа во тогашниот Дом на Култура во Охрид и да почнеме да работиме. Влегов во вториот круг на приемниот испит, во кој од околу 75 пријавени поминавме 20. На крајот отпаднавме уште осум души, бидејќи беа потребни само 12 студенти, во единствената класа по актерство таа година. Што се однесува до моето запишување на факултетот за Драмска и филмска уметност во Софија, се запишав есента 1997-мата година, откога претходно скоро една година ја имав напуштено работата во Домот на Култура во Охрид. Оттаму се откажав не на пола студирање, туку после првиот семестар, затоа што заклучив дека предоцна беше за да ја остварам мојата идеја, да го завршам тој факултет. Имаше и лични моменти тука, за кои не би сакал да зборувам .

Што правеше сите овие години, со што се занимаваше? Што те одведе на Крит, каде живееше со години?

-Работев тука и таму. А на Крит ме однесе српско-хрватската поговорка: „Трбухом за крухом“. Тоа беше наједноставната опција за мене во тој момент за да си ја пробам среќата некаде на печалба. Таму бев околу седум години. Од крајот на 2002, до крајот на 2009-та година, со повремени паузи за одмор, односно годишни одмори.

Многумина во тебе, по харизмата што ја носиш, го препознаа италијанскиот актер Роберто Бенини. Што мислиш ти за тоа, си се покајал ли годиниве што и покрај се, можеби требало да останеш во оваа бранша?

-Хахаха.. Роберто Бенини… Па во таа бранша, според мене, не може да се остане по секоја цена. Пред се тоа е тимска игра. Јас бев актер- аматер, љубител на тоа што го правам. Многу работи не зависеа само од мене. Едноставно не се чувствував повеќе продуктивен во тој период, и во тие услови на работа до кои стасавме, а се надевавме и мислевме дека се бориме за подобро. Пак ќе речам, едноставно сите поединечно, и секако заедно, како екипа потфрливме.

Роберто Бенини имаше многу убави жени покрај него, што се случува во твојот приватен живот? Се  уште си ерген? Зошто не успеа никоја да ти го освои срцето?

-Моето срце не е празно и се надевам дека наскоро, со Божја волја, ќе бидам семеен човек.

Има ли цена која после толку години може да те врати на сцена и ако би се вратил, како би изгледало тоа? Можеби ангажман во некоја домашна хумористична серија?

-Моето мислење е дека доста долго време сум оддалечен од сцената, а моето сценско искуство е доста скромно. Мојата енергијата сега не може да се спореди со енергијата тогаш. Плус, и таа енергија што ја имам сега целосно ја насочувам кон борбата во и за секојдневниот живот. Така да во овој момент, после сите секојдневни обврски кои ги имам, би посакал само малку време за одмор и мир.

Како го оценуваш хуморот во Македонија? Зборавија ли луѓето да се смеат?

-Дефинитивно да, со оваа општествена ситуација. Во принцип не гледам телевизија, но можам да кажам дека заборавија поради општествено политичката ситуација во која се наоѓаат. Паднат е духот.  Откако се откажав имав понуди ама тоа беше пред доста години од продукции за хумористична серија, и некои други проекти што одбив, не се гледав веќе себе си на сцена. Мојот труд беше краток, во домен на љубителско дејствување. Моето искуство беше кратко и не се гледав во тој момент дека можам да влегувам во некои серии. Кога живееме во вакви тешки времиња кога мора од утро до вечер да се бориш за егзистенција, нормално е на луѓето духот да му е заробен.  Жал ми е што после многу децении на прекин на професионалниот театар во Охрид, кога веќе повторно се обнови неговата продуктивност, е на ниско ниво.  Нас како екипа одамна не нема. Од тој состав останав да се дружам со Милисав од „Сомнително лице“ и со Жанко З’ш Голабоски, кумови сме.