ММС

Кога сте Вардар, имате обврска да победувате против секого, одиме чекор по чекор во ЛШ, изјави тренерот на европскиот ракометен шампион, Стевче Алушoвски

Веќе видени во „Јане Сандански“ и добро познати европски клупски ракометни имиња, се најдоа во друштво со Вардар 1961 во групната фаза на Лигата на шампионите. Скопските ракометари кампањата ја започнуваат кај стариот познаник Брест, а потоа во Скопје го пречекуваат Елверум. Покрај овие релативно послаби противници, иако неблагодарно е да се зборува за посилни или послаби противници во ова натпреварување, Фленсбург, ПСЖ на Раул Гонзалес, Кјелце, Порто и ПИК Сегед, ќе ги вкрстат копјата со „црвено-црните“.

Тренерот на Вардар, Стевчо Алушовски, вели дека уживал гледајќи ја вчерашната ждрепка, бидејќи самото учество во најквалитетниот клупски турнир во светот, претставува привилегија и особена чест. Тој изрази оптимизам дека Вардар може да се носи со сите противници и дека дури и првите две места во изразито силната група се реалност.

-Најпрво да кажам дека вчера уживав во извлекувањето. Секако дека 16-те тима се подеднакво квалитетни. Се работи за најквалитетното натпреварување во Европа. За нијанса можеби добивме потешка група, меѓутоа Вардар е актуелен европски првак. Никого нема да прецениме, никого нема да потцениме. Ќе одиме чекор по чекор, ќе ги анализираме противниците од недела во недела. Сите резултати се можни. Ќе се потрудиме да излеземе со што подобар пласман од групата, зошто да не се најдеме на едно од првите две места, изјави легендата на македонскиот ракомет и тренер на Вардар.

Алушовски додава дека на крајот од денот, ниту еден од тимовите не е сигурен за пласман во нокаут-фазата. Целта на Вардар и целото раководство е топ 8 и тимот ќе даде максимум за да се оствари првичната замисла.

-Кога сте Вардар, имате обврска секој натпревар да победувате против секој противник, без разлика. Меѓутоа, притисокот постои, независно од фаворитската улога. Вардар има изменет состав, ни претстои сериозна и напорна работа, нека почне сезоната па ќе видиме. Ние за жал скоро четири месеци не сме во можност за нормален тренинг. Играчите не се тотално неактивни, секако, добиваат неделен план и сметам дека ќе бидат подготвени и физички и ментално за новата сезона и ќе бидат желни за „топка“ и она што ќе значи специфична подготовка. Мора да се има и „План Б“, затоа што не ги знаеме околностите и здравствените протоколи, рече Алушовски.

Според него, ростерот за сезоната 2020/21 е затворен. Последното засилување од Еурофарм Работник, Ловро Јотиќ, веројатно е аквизицијата со која се затвора списокот. Вардар има нови играчи на секоја позиција освен на лево крило, заменет е и Стас Скубе и сега потребно е само да се работи до почетокот на новото поглавје.

На шпекулациите кои проструија во македонската ракометна јавност, за наводното враќање на поранешните шампиони, Игор Карачиќ и Алекс Душебаев, поради тешката ситуација во која се наоѓа нивниот матичен клуб, Кјелце, Алушевски кажа дека се работи повеќе за желба на фановите и шпекулации, отколку за вистински и реален интерес.

 

Давор Јосифоски