ММС

Басконија е шампион на Шпанија после 10 години

Екипата на Душко Ивановиќ во финалниот меч на AЦБ лигата, го совлада скапиот тим на Барселона со резултат 69-67 и ја освои шпанската кошаркарска титула за првпат по една деценија. Оваа титула за тимот на Басконија е четврта во историјата, но посебно драга поради подредената улога на тимот од Баскија во однос на фаворизираниот колектив на Светислав Кари Пешиќ.

Интересно е тоа што последната титула на Басконија во шпанската лига беше токму против вчерашниот ривал и крајниот резултат во серијата изнесуваше 3-0. Како и сега, тренер пред десеттина години беше Душко Ивановиќ.

Победничкиот кош на мечот го постигна Лука Вилдоза, по одличниот леј-ап со Ахил Полонара, три секунди пред истекот на регуларното време. Кори Хигинс имаше шанса да го освои пехарот за Барселона, но неговиот шут за три поени излезе од обрачот.

После одличниот летен трансфер период, очекувањата за каталонската екипа беа високи. Кори Хигинс и Никола Миротиќ од НБА, влеваа надеж дека Барселона оваа сезона ќе ги спои двете најважни титули во Евролигата и АЦБ лигата. Сепак, големите имиња на хартија и изразениот индивидуализам, не можат секогаш да се носат со силниот колективен дух и борбена кошарка.

Барселона е шеста година по ред без титула во најдобрата шпанска кошаркарска лига.