ММС

Голот број 700 во кариерата на Меси не беше доволен да се порази Атлетико Мадрид, Барселона го губи чекорот

Дербито на 33 коло во шпанската Примера помеѓу Барселона и Атлетико Мадрид, не разочара воопшто, откако видовме четири погодоци и многу интересен и изедначен натпревар. Но, ако неутралците вчера уживаа во надмудрувањата на Кике Сетиен и Чоло Симеоне, навивачите на Барселона го направија токму спротивното. Нерешениот резултат против силниот ривал значи и чекор назад во борбата за титула со Реал Мадрид, особено ако утре Реал го совлада помалиот градски тим, Гетафе.

Автоголот на Диего Коста им донесе водство на домаќините, но набрзо Саул Нигез од белата точка го изедначи резултатот. Уште еден пенал беше свирнат на почетокот на второто полувреме, Лео Меси со „паненка“ го матираше Јан Облак и го врати резултатот во негова полза. Во 62 минута, уште една пенал за Атлетико Мадрид и уште една сигурна реализација на шпанскиот репрезентативец Саул. Преку внесувањето на младиот Ансу Фати во игра, Барселона се обидуваше да дојде до трите бода, но сепак на крајот резултатот остана непроменет.

Овој кикс на каталонскиот тим може скапо да го чини и со евентуална победа на вечниот ривал Реал Мадрид, Барселона би заостанувала цели четири бодови.