ММС

Софија ми ги излекува сите солзи, сега плачам само од среќа, пејачката Благица Калева стана баба

„Не знам како да опишам, па поубаво нешто откако јас станав мајка не сум доживеала.Се чувствувам како кога прв пат свое дете ќе ставиш во прегратка, а сега го доживуваш моментот да земеш дете од твоето дете. Не се опишува“. Ова го вели популарната фолк пејачка Благица Калева, која неодамна стана баба, ја доби внуката Софија. Благица е се уште млада, а и изгледа така, сепак, вели дека чинот е тој, иако не се чувствува стара, сепак, баба си е баба.

– Дали се чувствувам стара бидејки станав баба? Јас сум пресреќна, на среќата и нема крај. Тоа го посакував последниве неколку години. Ќерка ми Марија и зет ми Борче заедно се 13 години и редно беше на двете семејства да ни подарат внуче.  Мене ми е многу мило тоа што станав баба. Тоа е. Дај боже сите да си дочекаме вакви убавини, друго не е важно, вели пејачката.

Малата Софија се роди на 25 мај и од тогаш живототна Благица и се смени. Вели постојано сака да е до неа, бидејќи внуката и е лек на душата.

 

-Сега сакам само да сум до неа. Да помагам и кога Марија и Борче не го бараат тоа од мене. Понекогаш можеби и претерувам ама тоа е посилно од мене. Што да правам.  Се вратив назад скоро 30 години кога јас станав мајка. Многу ми се смени животот. Нели кога ќе бидеш мајка си многу млад, па имаш и други обврски, па понекогаш немаш нерви за сопственото дете, па ти помагаат мајката или свекрвата. Но, сега со внуче е сосема поинаку. Имам и нерви и време. Што и да работам оставам заради внучето, вели Благица.

Внуката Софија се роди на истиот датум, кога Благица пред две години на  фолк фест Валаново ја испеа песната „Горда мајка“, која е посветена на ќерка и Марија.

-Ми значи овој датум, сега уште повеќе. После се што ни се случи во животот јас и Марија сами се боревме и чекоревме по патот. Сите овие години таа ми била најголема поддршка и сакав да и се заблагодарам преку песна. Се случи ново поглавје во нашите животи.  Доста беа црнила и солзи во мојата судбина, ете таков ми беше животот, што се морав да изживеам.  Идната недела се навршуваат 18 години од трагедијата, откако трагично заминаа сопругот Дине и ќерка ми Викторија, а на мене и Марија ни се преврте животот.  Досега живеев за Марија, таа ми беше единствената утеха, а сега имам причина повеќе да живеам и за Софија, вели таа.

Пандемијата, како и кај сите, така и кај Благица и поремети многу нешта и во кариерата, но и во приватниот живот. Долго очекуваноот момент, свадбата на Марија пропадна поради забраните за движење, полицискиот час и стравот од зараза.

-Последен настап ми беше на „8 Март“,  а до крајот на годината сите настапи и семејни веселби се откажани за 2021 година. Други години скоро секоја вечер  имало пеење, особено кога ќе почнат свадбите летниот период. Ама сега тоа за жал го нема. Короната ја упропасти и свадбата на ќерка ми Марија. Беше закажана за 14 март, а забраната за свадби дојде ден пред нашата свадба. Се беше подготвено. Фустаните ни останаа необлечени, не направивме веселба каква што Марија заслужува.  Некои од гостите дури дојдоа,  па со забраната се заглавија во Струмица. Какви стресови поминавме, ама што да се прави, тоа е. Пак ќе речам, јас и Марија низ каков стрес поминавме,  па ќе го пребродиме и ова. Марија исто така многу се изнервира, вели: „ Мамо, зошто вака да случува, на мојот најубав ден“. Тоа е што да се прави. И на мене ми е многу жал. Колку свадби сум испеала, колку млади вљубени со песна сум усреќила, а не можев на Марија и Борче да им запеам. Ама здравје, прва прилика кога ќе може ќе се случи, па на свадбата на мама и тато заедно со Софија ќе пееме, додава пејачката.

Весна Миленковска