ММС

Ковид-19: Вкупно 3.484 активни случаи до вчера, 298 починати, двајца кумановци повторно позитивни

Вкупната бројка на позитивни на коронавирусот од почетокот на епидемијата заклучно со вчерашните 132 новозаразени, се искачи на 6.209. Во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3.484. Во текот на претходното деноноќие од Ковид-19 починаа 12 лица, со што бројот на оние кои ја изгубија битката со болеста сега е 298.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починаа двајца пациенти од Струга на возраст од 60 и 66 години, пациент од Тетово на возраст од 49 години и пациент од Скопје на 72 години.

Во ГОБ „8 Септември” починати се четири лица, тројца пациенти од Скопје на возраст од 56, 69 и 75 години и пациентка од Велес на 68 години. Во болницата во Штип е починат пациент на возраст од 81 година. Во Гостивар е починат пациент на 70 години. Во Тетово е починат пациент на 62-годишна возраст.

Во болницата во Козле почина пациентка од Скопје на возраст од 83 години, која денеска е потврдена позитивна.

Двајца вработени во кумановската болница, повторно позитивни на Ковид-19, откако претходно на почетокот на пандемијата го прележале заболувањето.

На Инфективната клиника хоспитализирани се 92 пациенти. На кислородна поддршка се 45 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација. Во болницата во Козле се хоспитализирани 20 возрасни пациенти позитивни на Ковид-19, две деца позитивни и четири со симптоми на вирусот.

Во ГОБ „8 Септември”хоспитализирани се 136 пациенти. На респираторна машина се 11 пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 41, а во болницата во Штип се хоспитализирани 32 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 78 пациенти – позитивни и сомнителни на Ковид-19.

Во Скопје досега биле дијагностицирани на коронавирусот 3006 лица, а активни се 1986, од кои најмногу во општина Чаир околу 420, потоа следуваат Аеродром, Бутел, Гази Баба, Сарај, Центар, Карпош, Ѓорче Петров, каде што бројот се движи од 100 до 150 заразени.

Комисијата за заразни болести го одобри протоколот за организирање јавни настани кој минатата недела го предложија претставници на Здружението на музичари и на организатори на настани. Од Комисијата е донесена дозвола да се организираат јавни настани со тоа што местото треба да биде пополнето не повеќе од 50 проценти од капацитет каде што ќе се организира настанот.

Во однос на градинките, министерот Филипче рече дека тие нема да се отворат во скоро време, поради порастот на бројот на заболени. Тој потенцира дека одлука да се направи скрининг на вработените била донесена во период кога состојбата со коронавирусот дозволувала да се размислува за отворање на градинките.

В среда, на 1 јули, се отвораат двата аеродрома, во Скопје и во Охрид.

Патниците ќе мора да дојдат три часа пред летот, зашто проверките поради заштитните мерки се малку подзабавени. Лицата треба да носат заштитни маски за цело време на летот, а кабините на авионите, се опремени со специјални хепа филтри кои уништуваат 99,9 отсто од вирусите и бактериите

Грција утре отвора седум гранични премини на копнените граници со нашата земја, Албанија, Бугарија и со Турција.

Во однос на нашата земја, ќе биде отворен само граничниот премин Евзони (Богородица), додека  кон останатите три земји отворени ќе бидат по два гранични премини.

Во монтажната болница што се наоѓа до Инфективната клиника до среда или четврток треба да биде поставен системот за кислородна поддршка, донација од компанијата која го обезбедува со кислород целиот клинички центар.

Кај населението во земјава се бележи зголемен страв од можноста за зараза со коронавирусот. Се намалува скептицизмот на луѓето за опасноста и заканите од вирусот, а влошената ситуација со епидемијата ја намалила поддршката на граѓаните за власта во однос на справувањето со неа, покажаа податоците од истражувањето „Gallup International Association спроведено во 19 земји низ целиот свет, меѓу кои и земјава.

Влошената ситуација, со зголемениот број на новозаразени, за само неколку месеци драстично го намалила бројот на скептиците кои на почетокот на кризата веруваа дека заканата од вирусот е претерана, од 73 отсто во март на 44 отсто во јуни, оставајќи ја јавноста поларизирана околу идејата дека до крајот на годината животот во земјата би се вратил полека во нормала (46 отсто).

МИА

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.