ММС

Џеј Ар Смит повторно со Леброн

Лос Анџелес Лејкерс планираат да потпишат со слободниот агент и поранешен кошаркар на Денвер Нагетс, Њу Јорк Никс и Кливленд Кавалирс, Џеј Ар Смит, со цел да го освежат тимот пред рестартирањето на сезоната и да додадат уште едно име за ротација во сегашниот состав.

Шпекулациите за повторното соединување на популарниот Џеј Ар и ѕвездата на Лејкерс, Леброн Џејмс, беа актуелни и пред прекинот на сезоната во НБA, a се засилија по откажувањето од регуларното играње сезонава на кошаркарот на Лејкерс, Ејвори Бредли.

Според новинарот на „ЕSPN“, Адриан Воџнаровски, Смит и тимот од Калифорнија се многу блиску до постигнување на договор и само неколку ситни детали го делат искусниот бек од потпис со НБА великанот.

Триесет и четири годишниот Смит, последниот меч во лигата го изигра пред две години во дресот на Кавалирс. Драфтуван беше во 2004 година од тимот на Њу Орлеанс, а најдобрите и најефективните години во кариерата ги имаше токму со Леброн Џејмс и Кливленд.

Во НБА лигата од први јули започнува трансфер периодот за купување на слободни играчи на пазарот.