ММС

ОФИЦИЈАЛНО: Пјаниќ во Барселона, Артур во Јуве

Иако на момент заборавивме на директните размени на фудбалери на фудбалските клубови, кои за волја на вистината станаа реткост, Барселона и Јувентус потсетија дека таа форма на трансфери сè уште постои.

Каталонскиот тим го потврди и официјално трансферот на босанскиот интернационалец Миралем Пјаниќ, вреден приближно 65 милиони евра. Оваа потврда пристигна откако Јувентус час претходно го официјализираше Бразилецот и поранешен играч на Гремио, Артур, кој се сели во спротивен правец за 72 милиони евра и 10 милиони потенцијални бонуси.

Босанецот ќе го носи дресот на Барселона во следните чеитири сезони, а во неговиот договор ќе има вметнато клаузула од 400 милиони евра.

Од друга страна пак, Артур првично немал желба да ја смени средината и да заигра за Јувентус, но можноста да биде соиграч со уште еден голем играч во името на Кристијано Роналдо, како и прикриената присиленост на каталонскиот клуб кон играчот за остварување на трансферот, го натераа играчот од средниот ред да стане од следната сезона „црно-бел“.

Пјаниќ и Артур ќе ги довршат сезоните во матичните клубови и веќе од сезоната 2020/21 ќе ги почнат новите професионални поглавја.