ММС

Oд Чемпионшип до Сериа А – македонските интернационалци брилијираа во фудбалска Европа

Изминатиот фудбалски викенд во Европа ни донесе многу возбудувања во најдобрите лиги, дотолку повеќе што своја важна улога зазедоа и македонските интернационалци.

Во победата против конкурентот за влез во Премиер Лигата, Фулам, тимот на Марсело Биелса оствари сигурен триумф со 3-0, триумф кој го однесе на чекор поблиску до враќањето во елитата. Покрај Патрик Бамфорд и Џек Харисон, нашето репрезентативно крило, Џани Алиоски, веднаш по влегувањето од клупа во второто полувреме се запиша во листата на стрелците. Со оваа победа неговиот тим се зацврсти на првата позиција која директно води во Премиер Лигата

Првиот меч на неделното мени во Примера ни понуди вистински спектакл и голеада, откако Леванте на Енис Барди го совлада Бетис со 4-2. Играчот од средината на теренот во 35 минута од натпреварот ја „проби“ мрежата на Роблес и го однесе својот тим на полувреме со два гола предност. Трите бода на Леванте и дефинитивно му го зацементираа опстанокот во Ла Лига, иако тој скоро и да не беше доведен до прашање.

Дербито од средината на табелата во Супер Лигата во Турција, заврши без победик. Газиантеп и Анталијаспор одиграа нерешено, а стрелец за гостите беше поранешниот македонски репрезентативен шпиц, Адис Јаховиќ, од белата точка. Ова беше 15-ти гол за Јаховиќ и заедно со Муричи од Фенербахче го дели третото место на листата на најдобри стрелци во турската лига. Дали ваквата статистика ќе го натера селекторот Игор Ангеловски да го врати во строј поранешниот напаѓач на Ријека и Ворскла, останува да видиме.

Во Сериа А две македонски приказни со различен крај. Додека Илија Несторовски и неговиот Удинезе и по продолжувањето на сезоната имаат проблем да испливаат од зоната на испаѓање и линијаата која ги дели Сериа А и Сериа Б, овојпат запишувајќи пораз на домашен терен од одличната Аталанта, Елиф Елмас и Наполи одлично се снаоѓаат во летниот дел од сезоната. На „Сан Паоло“ екипата на Џенаро Гатузо лесно го победи последнопласираниот Спал и остана на шестата позиција која води во Европа Лига. Елиф Елмас се најде во првите 11 на италијанскиот стратег, покрај Лоботка и Руиз во средината и ја награди довербата на тренерот со добрата игра и асистенцијата кон Каљехон при крајот на првото полувреме.

Добрите изданија и форма на македонските интернационалци, влеваат надеж дека Македонија е подготвена за предизвикот наречен Косово и дека шансите за квалификации на Европското првенство следната година се реални и остварливи.