ММС

Ученикот го менува учителот – Шарунас Јасикевичиус во преговори со Фенербахче

Продолжувањето на договорот со литванскиот Жалгирис е се подалечно, особено откако турскиот поранешен шампион Фенербахче, сериозно се впушта во трката за ангажирање на Шарунас Јасикeвичиус.

Турците останаа без тренер, по раскинување на соработката со Жељко Обрадовиќ и сега се во потрага по квалитетно тренерско име кое ќе ја пополни оставената празнина. Иако млад, поранешниот кошаркар на Барселона и Макаби се покажа во одлично светло по преземањето на Жалгирис и со матичниот клуб играше на фајнал-форот во Евролигата.

Според литванските медиуми, Шарунас и Фенер во моментов преговараат, но Јасикевичиус не брза со донесување на одлука, бидејќи го чека исходот од сезоната во шпанското кошаркарско првенство. Зошто е тоа така? Затоа што доколку Барселона не успее да го освои пехарот во АЦБ лигата, Светислав Кари Пешиќ би можел да добие отказ, а неговата позиција да ја заземе токму Литванецот.

Јасикeвичиус во неколку наврати има изразено амбиција за враќање во Барселона и остварување во улогата на главен тренер на Каталонците.