ММС

Прележал свински грип, сега Ковид-19, и ќе спаси живот со донирање крвна плазма- Никола Петкоски хуманоста нема граници

Во ова Корона лудило најважно е да бидеш свесен и совесен граѓанин, да си помогнеш себе си, но и да им помогнеш на другите. Таков пример на самосвест е скопјанецот Никола Петкоски, кој од вчера веќе не е позитивен на Ковид-19. Но,она низ што поминал  месецов е доволен показател како треба да се реагира во оваа состојба.  Никола за mms.mk  го сподели своето искуство и тоа од моментот кога ги почувствувал првите симптоми, се до конечното излекување и сега вели: „Следен чекор е да дарувам крвна плазма, ако можам да спасам нечиј живот.“

-И сега не знам од каде се заразив. Работам на  ЈЗУ УК Државна кардиохирургија, но сум сто проценти сигурен дека не сум се заразил на работа, бев доволно заштитен. Се си мислам дека ми е од возењето во  автобус, додека одев и се враќав од работа. Медицинско лице сум, на работа сме со визири, маски, очила и се како треба.  Или можеби имало некој околу мене, некој што бил заразен, а криел. Што е многу полошо. Јас  веднаш штом почувствував симптоми се јавив на работа и кажав дека додека не се тестирам нема да доаѓам.  Веднаш се јавив на матичната, која ме праша кои симптоми ги имам и кажав дека немам мирис и вкус, дека чувствувам малаксаност и многу силна кашлица.  Господ здравје да и даде на матичната д-р Светлана Пејова, таа беше во контакт со мене сите 24 дена. Таа ми закажа следниот ден да се тестирам во Поликлиника „Јане Сандански“ и ден по тестирањето ми се јави да ми каже дека сум позитивен. Веднаш се јавив на работа и кажав. На работа не одев од 25 мај, поделени сме во групи и требаше да почнам од први јуни. Но, ете што се случи, вели Никола.

Тој имал среќа целиот период да го помине дома, во самоизолација. Матичната докторка му организирала  транспорт до Инфективна клиника, каде му ги направиле сите потребни прегледи, му дале терапија и се вратил дома.

-Секоја им чест на вработените на Инфективна, навистина се внимателни. Ми напишаа терапија со решенија за самоизолација. Полиција ме контролираше секој ден. Мајка ми само ја оставија со мене бидејќи со мене контактираше. Јас не сокрив ниеден со кој сум бил во контакт. Ниту, пак, сокрив дека јас сум позитивен. Кога дознав на сите што бев во контакт со нив им се јавив. Сите се тестираа и за среќа сите излегоа негативни. Тоа најмногу ме прави среќен, а најмногу ме јадеше да не случајно сум заразил некој друг. Не можев да спијам по цели ноќи. Ама ете, поминаа 25 дена и никој за среќа нема, вели тој.

Немал тешка клиничка слика, на моменти чувствувал градна болка и отежнато дишење, но веќе шестиот ден откако му ги дале антибиотиците му било многу подобро. Секој ден му било се подобро и подобро, освен кашлицата која тешко се смирувала.  Пиел сумамед, витамин Ц, аспирин, парацитамол, по потреба, евентуално ако кренел температура.  Првиот тест го направил во четвртокот, на 18 јуни, а вториот завчера и за среќа двата се негативни. Сега, вели тој, останува да провери дали може да донира крвна плазма за да може да помогне на некој друг.

-Јас сум крводарител, имам 28 години, а досега имам дарувано крв дури  44 пати, и плус тромбоцити. Следен чекор е дарување крвна плазма. Не се мислам за тоа ниту момент. Првата прилика кога треба, ќе одам на проверка и доколку ги исполнувам условите веднаш ќе донирам. Не можам даги разберам луѓето зошто се такви. Јас гордо кажувам дека сум крводарител, не е ништо страшно, ниту болно, можеш само да помогнеш. Ако си здрав и прав. Моите 350 милилитри крв на некого ќе му спасат живот, и јас се надевам дека со оваа дарување досега ако не повеќе барем на четворица сум спасил живот. На девојче од 11 години сум дал тромбоцити, а дарував  уште неколку пати. Ми велат дека од семејството каде дарував тромбоцити за детето сакале да се запознаат со мене, да се заблагодарат, но не сакам така. Одам дарувам и си заминувам. Важно е да направиш добро дело, да спасиш живот, додава тој.

За неговите 28 години Никола по втор пат поминува низ вакво искушение. Сега го надмина Ковид-19, а пред 12 години, кога бил средношколец се соочил и со свински грип.  Бидејќи на своја кожа почувствувал што значи да си болен, затоа и не само што бил хуман и  44 пати дарувал крв, дарувал тромбоцити,  туку и ќе донира и крвна плазма.

-Кога бев средно школо прележав свински грип. Не знам од кај сум фатил, но знам дека наеднаш ме пресече, малаксав ми се чини во секунда, тогаш имав и висока температура, скоро 41.2 . Тогаш лежев и на Инфективна  можеби 10тина дена и за среќа добро се заврши. Затоа сметам дека за вакви ситуации нема потреба од криење. Криењето контакти е најлошо нешто, бидејќи  тој е потенцијален да зарази уште 10 и да затвори дома уште толку. Јас се кажав, кај сум бил на кафе,  дека бев на пиво со троица другари и иако беше на отворено и на раздалеченост од метро и пол ама кажав. И за среќа ете сите се тестирани и немаат симптом.  Не дај Боже, на никој не му го посакувам. Ова многу влијае на психата, те убива, тие четири ѕида, па посебно јадење, во пластични чаши и чинии, па ставаш маска до тоалет. Прво мислите ти идат на лошо. Искрено не мислев на себе, мислев да не сум заразил некој постар, хронично болен. Не сакав некој да носам на душа. Потоа се плашев и за другарите. Јас да сум знаел, пред да ми се појават првите симптоми немаше да излезам од дома. Ама не знаев. Сега кога помина  еден месец, кога си мислам, си го враќам филмот, навистина сум среќен бидејќи  не сум заразил никого. Тоа ми е најдраго, вели Никола, кој наскоро планира да се врати на работа и како медицинско лице да продолжи да им помага на другите.

Весна Миленковска

Клучни зборови: живот, никола петкоски, судбина, уредник

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.