ММС

Објавено на: 06/19/20 10:59 AM

Кредитите и осигурителните договори предмет на потрошувачките права и спорови

Агенцијата за супервизија на осигурувањето

Институцијата која се грижи за законито и ефикасно функционирање на пазарот на осигурување со цел за заштита на правата на сопствениците и корисниците на осигурување е Агенцијата за супервизија на осигурувањето. Согласно со Законот за супервизија на осигурувањето, тоа е надлежно тело за надгледување на пазарот на осигурување, а со тоа и за заштита на интересите на договорните страни кај договорот за осигурување, како самостојно и независно регулаторно

Освен супервизија на друштвата за осигурување, осигурителните брокерски друштва, друштвата за застапување во осигурувањето, осигурителните брокери, застапниците во осигурувањето и Националното биро за осигурување, Агенцијата  издава и одзема дозволи, согласности и лиценци врз основа на овој закон и другите закони во нејзина надлежност. Потоа,  изрекува мерки на супервизија согласно со закон, врши надзор над примената на мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам.

Орган на Агенцијата за супервизија на осигурувањето е Советот на експерти, составен од пет члена.

Грижа за потрошувачите

Полисата го прецизира начинот на уредување на содржината на договорот за осигурување, а која подлежи на посебен интерес за потрошувачите, потоа преку општите и посебните услови на договорот (вообичаено) подготвени од друштвата за осигурување.

Заштитата на потрошувачите се постигнува и преку известувањата од членот 163 од Законот за супервизија на осигурување, кои се должни друштвата за осигурување да ги направат спрема Агенцијата, а кои вклучуваат: воведување на нови производи; промени во тарифи на премии и услови за осигурување. Во членот 164 од Законот за супервизија на осигурувањето се содржани мерките кои може да ги презема Агенцијата за супервизија на осигурувањето, а кои вклучуваат: 1) наредба за отстранување на незаконитостите; 2) одредување на дополнителни мерки; 3) одземање на дозволата; 4) посебна управа; 5) поднесување на предлог за покренување на прекршочна постапка, односно изрекување на прекршочна санкција; 6) спроведување ликвидација на друштвото за осигурување и 7) поднесување предлог за отворање стечајна постапка на друштвото за осигурување.

Согласно со членот 225-а од Законот за супервизија на осигурувањето, во случај кога осигуреникот, односно корисникот на осигурувањето смета дека друштвото за осигурување не се придржува кон одредбите од договорот за осигурување, истиот може да достави претставка.

Претставката се поднесува до: 1) соодветната организациона единица надлежна за решавање на спорови меѓу договорни страни во рамки на друштвото за осигурување; 2) службата за внатрешна ревизија во друштвото за осигурување; 3) организацијата за заштита на потрошувачи и 4) Агенцијата за супервизија на осигурување.

Во 2018 година се доставени 104 и во 2019 година се доставени 97 претставки од осигурениците, од корисниците на осигурување и од трети оштетени лица против субјектите на супервизија до Агенцијата за супервизија на осигурувањето. Нема голема промена во бројот на поднесени претставки од страна на осигурениците во периодот 2018 – 2019 г.

На интернет страницата на Агенцијата е достапно упатство во електронска форма со насоки за осигурениците, од корисниците на осигурување и од трети оштетени лица за начинот на поднесување на претставки.

Агенцијата има интерна Процедура за постапување по претставки согласно која постапуваат овластените лица при обработка на претставките.

Претставките може да се поднесуваат во електронска форма на е-маил адреса pretstavki@aso.mk и од скоро на електронски образец

Агенцијата не постапува по анонимно поднесена претставка.

Во составот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, не е предвиден член, претставник од граѓански сектор.

Заклучоци и препораки

Пожелно е во Годишниот извештај да се објавуваат податоци поврзани со бројот на вработени, приходи и расходи на Агенцијата. Анализата на податоците за индикаторите покажаа дека Агенцијата за супервизија на осигурувањето: има достапно упатство во електронска форма со насоки на поднесување на претставки, понатаму претставките може да се поднесуваат во електронска форма, но не може да се следи процесот на одлучување во електронска форма, што би можело да ја подобри транспарентноста на целиот процес;  претставките може да се поднесуваат во електронска форма преку образец, кој е достапен на македонски јазик и на албански јазик;  не се постапува по анонимни пријави, при што треба да се има предвид членот 8 од Законот за постапување по претставки и предлози. Прпеорака: Да се унапредуваат можностите за континуирана обука на вработените.

 

Народна банка на РСМ

Народната банка е централна банка на земјата, со административна, финансиска и управувачка самостојност. Орган на управување е Советот на Народната банка, кој се состои од девет члена, од кои еден е гувернерот и три вицегувернери со статус на извршни членови и пет неизвршни членови. Основната цел во работењето на Народната банка е  постигнување и одржување на ценовната стабилност и  придонесување кон одржување на стабилен, конкурентен и пазарно-ориентиран финансиски систем.

Народната банка врши надзор над примената на прописите со кои се уредува девизното работење, менувачкото работење, вршењето услуги на брз трансфер на пари, системите за спречување на перење на пари и заштита на потрошувачите, во согласност со Законот или друг закон.

НБРСМ врши супервизија на работењето на банките и штедилниците и ја оценува сигурноста, стабилноста и усогласеноста на работењето на банките со одредбите од Законот за банките, подзаконските акти и други прописи кои се однесуваат на овие институции. Притоа, доколку се утврди постапување спротивно на законските прописи, се преземаат мерки спрема конкретната банка, наодите на НБРСМ и мерките преземени кон банките не претставуваат информации од јавен карактер.  Надлежност за разрешување на евентуални спорови меѓу банките и нивните клиенти и утврдување на фактите имаат единствено надлежните судови во РСМ. Доколку подносителот на претставката смета дека е оштетен и дека постои потреба од утврдување на факти и околности НБРСМ го упатува спорот да го реши пред надлежните судови или спогодбено со Банката.

Заштита на правата на потрошувачите најчесто во доменот на потрошувачките кредити

Претставките се алатка, која можат да ја користат граѓаните и да реагираат до Централната банка. Во периодот од 1 јануари – 31 декември 2018 година во НБРСМ, примени се вкупно 142 претставки/дописи, додека во периодот од 1 јануари до 19 декември 2019 година, примени се вкупно 135 дописи. Во ниту една од поднесените претставки до НБРСМ во 2018 и 2019 година, не е изречно наведено дека таа е поднесена согласно со Законот за заштита на потрошувачите (кај договорите за потрошувачки кредити). Меѓутоа ако се земе предвид содржината на поднесените претставки во 2018 и во 2019 година, бројот на поднесени претставки, кои се однесуваат на потрошувачките кредити во 2018 година изнесува 13, додека во 2019 година, бројот изнесува 13.

Важно е да се напомене дека претставка за работењето на некоја од деловните банки, се поднесува до Дирекцијата за вонтеренска супервизија и лиценцирање на НБРСМ во хартиена или електронска форма, преку контакт на официјалната електронска пошта на Народната банка.

Не постојат обрасци за поднесување на претставки. При поднесување на поплака до НБРСМ, потребно е во истата да бидат содржани податоци за нејзиниот подносител, како и Банката за која се однесува поднесената поплака да биде конкретно наведена за да може да се комуницира со банката. Поплаката треба да биде напишана на јасен, концизен и недвосмислен начин, да ги содржи сите потребни информации за конкретниот проблем настанат со банката. Во прилог кон поплаката, потребно е подносителот на истата да ги достави сите потребни и релевантни документи/докази за настанатата ситуација на кои се повикува самата поплака.

Заклучоци

Законот за Народната банка не предвидува посериозни механизми за вклучување на граѓански организации и експерти за потрошувачко право во консултативни процеси. Дури, согласно со овој Закон, не се предвидени никакви форми на јавни состаноци и заеднички работни средби со граѓански организации кои работат со заштита на потрошувачите како засегнати страни. Законот за Народната банка не предвидува вклученост на експерти и граѓански активисти од областа на потрошувачко право во органите и телата на банката. Во Годишниот извештај за работа на банката не се содржани податоци за постапување по спорови со потрошувачи. Банката нема направено јавно достапни упатства и водичи со опис на постапките за остварување на правата на потрошувачите кај договорите за потрошувачки кредит. Банката нема развиено електронски систем за поднесување на поднесоци по електронски пат. Банката не постапува по анонимно поднесени претставки што не содејствува со членот 8 од Законот за постапување по претставки и предлози. Се забележуваат предизвици во развојот на човечките ресурси кои се ангажирани за заштита на правата на потрошувачите, особено поради фактот дека Банката не организирала обуки или финансирала обуки за овие лица во 2018 и 2019 година.

Монторинг извештајот е изработен од страна на Институтот за стратешки истражувања и едукација од Скопје во рамки на проект подржан од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Sida) преку Проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија“, имплементиран од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС). Монтироинг извештајот е изработен од страна на Институтот за стратешки истражувања и едукација од Скопје .

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.