ММС

Објавено на: 06/18/20 5:38 PM

Новата платформа ја разбранува штипската јавност, едни се за, други собираат потписи против

Неколку дена на социјалните мрежи се споделува петиција-Иницијатива за да се стопира изградбата на новата платформа на реката Отиња, во централното градско подрачје, наспроти Здравствениот дом.

Образложението во  иницијативата е дека наводно ќе се нарушил убаво средениот простор , зеленилото како и патеката која што граѓаните ја користат рекреативно. Некои од граѓаните кои што ги анкетиравме пак велат дека би требало да се изгради платформа, но и тврдат дека наводно истата ќе се користела како приватен паркинг на зградата ,,Порта-пролет“, која што е во непосредна близина.

Штипскиот градоначалник Благој Бочварски ги демантира овие информации.

,,Нешто што е инвестирано од општината и од државата не може да биде ничии приватен паркинг простор.Имаше такви најави и кога се градеше платформата кај трговскиот центар , но граѓаните можеа да се уверат дека не е така“, изјави Бочварски

Во врска со иницијативата  Тој истакна дека е отворен за разговор и иницијаторите можат слободно да се

јават и да разговараат со него.

,,Во деталниот урбанистички план ја има ова платформа од 2009 година, а тој веќе минимум шест месеци говори дека се обезбедени средства и ќе се гради оваа платформа, па се чуди зошто досега некои од граѓаните кои ја споделуваат иницијативата досега и не реагирале и сега се кријат позади  некој фејзбук профил,“ изјави Бочварски.

Тој додава  дека новата и трета по ред паркинг платформа ќе биде со капацитет од 40 паркинг места и е инвестиција на Министерството за локална самоуправа преку Центарот за развој на Источен плански регион и Општина Штип.

 

,,Ги правиме последните припреми и започнуваме со изградба на новата паркинг платформа во центарот на градот со цел решавање на еден голем проблем со сообраќајниот неред којшто го има во центарот на градот. Се работи за проект од 18 милиони денари од кои половина од средствата се од Министерството за локална самоуправа, а половина од Општина Штип“, вели  Бочварски.

Очекува изградбата на платформата да стартува наредната недела, а да биде готова за пет месеци.

Мостот во реката Отиња, кој што сега е на местото каде што ќе се гради платформата ќе се дислоцира во делот од реката  кај штипско Ново Село, локација којашто моментално се уредува.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.