ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 06/11/18 1:26 PM

Трибина: Младите лекари бараат вреднување според заслугите, Владата најавува суштински промени

Платите не се единствениот фактор поради кој младите лекари решаваат да заминат во странство. Што е тоа што покрај ова, е исто така проблематично за нив – одговорите тие ги истакнаа денеска на јавна трибина, на која од владата најавија заложби да го задржат овој кадар во земјава.

Без да бидат вреднувани според нивните заслуги и работата со пациентите, дискредитирани поради партиски или роднински врски на нивни останати колеги, младите лекари се’ почесто се решаваат да заминат во странство. Ова резултира со недостиг на стотина лекари во Скопје, а бројката во внатешноста на земјава е тројно поголема. Познавачите предвидуваат дека за неколку години, би можело да има дефицит на кадри во одредени гранки.

За проблемите во здравството, младите лекари и специјализантите денеска јавно проговорија  на трибина што ја организираше Министерството за здравство.  Се пожалија дека не им се пренесува доволно практично знаење во текот на нивното специјализирање, па со ова  приичината за напуштањето на Македонија не треба да се лоцира само во платите.

Претседателот на Клубот на млади лекари, Никола Брзанов бара да се направат суштински промени во целиот медицински систем:

„Одливот на млади лекари се случува поради проблемите со кои се соочува целиот медицински систем. Треба да се направат системски проблеми. Немаме соодветни знаења во одредени области, а таму каде што ги имаме не функционира системот на заслуги кој е клучен за суштински проблеми и ова е една од забелешките на ЕК во извештајот за 2017 година“.

Ресорниот министер, Венко Филипче смета дека дел од суштинските промени е и зајакнувањето на капацитетите на медицинскиот факултет:

„За младиот медицински кадар да остане во земјава потребно е јакнење на капацитетите на медицинскиот факултет со млад и амбициозен кадар, на кои ќе им се остави простор за младински активизам, студентско ангажирање, воведување на нови програми и содржини, како и поголема соработка со професорите и асистентите. Понатаму, потребно е инвестирање на факултетите во нова и современа опрема, зголемување на фондот на библиотеките, опремување на лабораториите за практицирање медицина, модернизација на едукативниот процес, разменување на искуства и организирање на предавања од еминентни странски професори, како и извршување пракса. На тој начин би ги задржале младите во Македонија со сигурна работа и добра почетна плата веднаш по дипломирањето. Младите се витален дел од општеството и не смееме да дозволиме повеќе нивен егзодус“.

Тој исто така, најави и дека се работи на зголемување на квотите за државна специјализација:

„Бројот и видот на специјализации е креиран според процените од терен. Се очекува конкурсот да биде распишан во најголем дел во септември, а во помал дел крајот на јуни. Со повисоки плати, поголема шанса за специјализација и подобрување на условите за работа, целта е да се направи атмосфера во која лекарите и останатиот медицински кадар ќе изберат да останат во земјава“.

На денешната трибина, премиерот Зоран Заев најави дека со цел зголемување на бројот на специјалисти во државното здравство, ќе биде воведена  специјализација за најдобрите 10 студенти во секоја генерација и ќе се зголемат квотите на државните специјализации. За време на специјализацијата, приватните специјализанти ќе добиваат плата и придонеси во висина на минимална загарантираната плата за општ лекар.

 

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1