ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 06/8/18 2:53 PM

Градежниците апелираат: Поинтензивни капитални инвестиции за промена на лошата статистика

Бенефит за инвеститорите, но и за купувачите ќе донесе новата одлука за тоа данокот за становите да остане пет проценти – велат градежниците. Сепак, апелираат да има поинтензивни капитални инвестиции за да се поттикне економскиот раст.

Со поинтензивни капитални инвестиции до попозитивни статистики во градежништвото. Бизнисмените се оптимисти дека ќе се промени лошата статистика според која, како што објави Владата пред два дена, во првиот квартал оваа година секторот ниска градба бележи пад од скоро 40 проценти споредено со истиот период лани.

Според  Градежната комора на Македонија позитивниот тренд е условен од капиталните инвестиции. Претседателот на Комората, Ивица Јакимовски очекува капиталните инвестиции да бидат поинтензивни во делот на патната инфраструктура и гасификацијата, но и да има изградба на нови градинки и училишта.

„Со отпочнување на вакви проекти, трендот што беше во изминатите четири месеци очекуваме да добие позитивен тренд. Во секторот ниска градба имаме нагло намалување на реализација на проектите. Потребно е да има реализација, односно одредена динамика. Основно е да имаме комплетна проектна документација, а инвеститорот да си ги извршува своите обврски. Ние штом немаме реализација нема економски раст. Железничката инфраструктура ќе повлече поголема реализација. Потребно е проектите да се привршат во предвидената фаза и да се нормализира целиот сектор“

Според првиот човек на Комората, она што ќе ги поттикне капиталните инвестиции во следниот период е одлуката за продолжување на мерката за 5 проценти ДДВ  за продажба на станбен простор:

„Со пролонгирањето на оваа мерка, дополнително економски раст ќе имаат и сите 26 дополнителни стопански гранки кои се директно поврзани со секторот градежништво. Ова е еден од клучните моменти за секторот висока градба“.

Ваквата мерка со законски измени е пролонгирана до 2023 година. Одлуката беше донесена по иницијатива на градежниците, кои предупредуваа дека враќањето на повисоката стапка од 18 отсто ќе ги поскапи становите за најмалку 13 отсто.

 

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1