ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 06/8/18 11:00 AM

Нема зголемување на данокот на имот, тврди градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев

„Најодговорно тврдам дека нема никакво зголемување на данокот на имот“, изјави на прес конференција градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, по обвинувањата од страна на ОО на СДСМ за наплатата на данокот на имот за 2018 година. Според првиот човек на општината, било направено само усогласување на имотната состојба на граѓаните и правните лица од 2009 година.

– Направено е само усогласување на имотната состојба на граѓаните и правните лица од 2009 година. Ако граѓаните не се сложуваат и имаат одредена забелешка на податоците со износите за оданочување, можат да се јават во Локалната самоуправа, каде се работат постојано две комисии и да извршат корекции ако тоа  не коресподира со фактичката состојбa,без трошоци за тоа, порача Јанчев.

Цанка Јовановска раководител на Сектор за Финансии во Општина Кавадарци, рече дека зголемувањето на даночните решенија кај некои граѓани е резултат на одлуката за зонирање и новостекнатиот имот на граѓаните.

Вчера кавадаречките социјалдемократи на прес истакнаа дека изминатиов период на граѓаните  им биле доставени решенија за обврска за плаќање на данокот на имот а според нив, изненадило тоа што даночната обврска за данокот на имот за оваа година кај голем број на граѓани била повеќе пати зголемена во однос на лани. Според СДСМ Кавадарци имало и грешки во решенијата за данокот на имот каде кај поединци во нивната даночна основа бил вметнат имот кој не е во нивна сопственост па поради тоа истите биле изложени на дополнителни административни трошоци за докажување на имотот кој тие го поседуваат. Тие ги повикаа надлежните институции, да ја испитаат законитоста на оваа одлука од страна на градоначалникот.

Билјана Тошевски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1