ММС

Наместо исполнети срца, спортска пустош – Златко Калински релаксирано го живее третото доба

Гледајќи некој спортски настан, секој од нас барем еднаш има помислено во себе „ех, а замисли го овој момент проследен со гласот на Калински“. Гласот што ги милуваше нашите уши повеќе од четири децении, пред нешто повеќе од три години ги „закачи копачките на клин“ и остави длабока празнина во македонскиот спортски етер. Со Златко Калински за mms.mk, разговаравме за пензионерските денови, насоката во која се движи денешниот спорт, предизвиците во работата, искуствата од култните светски и спортски гледалишта, литературата… 

Како ги поминувате убавите пензионерски денови и како ги поминавте помалку убавите карантински денови?

-Ха,ха…добро срочено прашање, „убавите и помалку убавите пензионерски денови“. По заминувањето во пензија ми требаше време да го сменам менталниот склоп со секое ново утро да сфатам дека е пред мене ден со поинакви обврски, со порелаксирачко темпо на живеење, накусо, да се навикнам на живот без МТВ! За пред три месеци Ковид-19 ненадејно влезе во нашите животи, не опструира целосно, ни ги промени… До 13 мај, не бев дел од онаа најзагрозена возрасна категорија. По игра на случајот на денот по мојот 67-ми роденден, мерките за нас од „третото доба беа олабавени“. Но, останува чувството на фрустрираност.

Каква поука извлековте во времето на пандемијата, кога секој човечки живот беше загрозен и дали светот сега ќе влезе во едно ново, похумано поглавје?

-Зависиме едни од други, потребни сме си. Тоа не смееме да го занемариме. Имам чувство, во овој период како полека да го губиме духот, смислата за смеа, хумор. Чест на исклучоците, на пример како што се Александар и Дац со „Корона чао“. Никогаш нема да се навикнам на компјутерот како „прозорец во светот“. Не би сакал новите генерации времето да го мерат како „пред короната и по короната“, како што на повозрасните скопјани им влезе во навика времето да го мерат „пред земјотресот во Скопје и по него“.

Во таа насока, никако не можеме да го тргнеме настрана спортот, како многу важен сегмент од нашето секојдневие. Кое е вашето видување за траекторијата на движење на спортот во пост-корона ерата? Да заборавиме на екстремната комерцијализација која очигледно повеќе штети врз самиот спорт, одошто придонесува, или работите ќе си останат во истата положба?

-Ако се беше нормално, деновиве ќе се играше првата недела од „Ролан Гарос“, ракометарите на Вардар ќе беа во одбрана на европската титула, фудбалската репрезентација на Македонија можеби веќе ќе беше на Европско првенство чиј почеток беше закажан за 12 јуни. Во НБА лигата доигрувањето ќе беше во тек. Ќе се насладувавме на блискиот почеток на „Вимблдон“ и Олимпијадата во Токио. А сега, наместо исполнети срца, спортска пустош! Фудбалската Бундеслига се осмели да го продолжи првенството со картонски силуети наместо растреперени гледачи на трибините. Понудени беа и виртуелни тениски и бокс мечеви, виртуелни авто-трки. Иџе возеше низ празните скопски улици. Тоа ли ќе е блиската спортска иднина? Ова ме потсети на неодамна (пред Короната) одржаната дебата на високи функционери на Олимпизмот кои разговараа за можноста за вклучување на протагонистите на E-games виртуелната игра, на Летните олимписки игри. Македонскиот олимписки комитет го претставуваше спортскиот директор Владимир Богоевски. Ми раскажа некои детали, вели: „Ме испровоцира дискусијата на некои од учесниците кои отворено лобираа E-games да стане олимписки спорт, што за мене како поранешен спортист беше неприфатливо. Запрашав: „Дали ние ќе се залагаме младите да ги затвориме со часови во соба пред компјутер или да ги упатиме во салите, базените, на атлетската патека“.  Замислете ги само тие момци од E-games за време на игрите во Олимпиското село кои не се испотиле во животот, покрај еден Леброн Џејмс, Ѓоковиќ, Сагосен, Ван Никерк. Тука дискусијата завршила, предлогот бил отфрлен. Ова ме асоцира на актуелниот момент со виртуелниот спорт, како алтернатива на реалниот.

Три години поминаа од вашиот последен телевизиски коментаторски пренос. Впечаток е дека одјава од етер со мадридско дерби во Лигата на Шампионите е перфектно збогување со гледачите и верните, па би рекол фанови, на легендарниот Златко Калински. Дали можеби го замислувавте пензионирањето поинаку, коментирајќи друг спортски настан?

-Кај мене немаше дилема дека мојот последен пренос пред 13 мај 2017 година ќе биде збогувачки. Тоа беше мечот помеѓу Реал Мадрид и Атлетико Мадрид, полуфинале од Лигата на шампионите. Можеше да биде и во кој и да било друг спорт, помалку атрактивен и сеедно, ќе беше прошталниот пренос. Тоа беше моја одлука, со навршување на 64 години да заминам во пензија. Имаше реакции во јавноста зошто финалето на Лигата на шампионите да не биде пренос за крај. Куќата ми понуди таква опција, но јас не сакав ништо да се промени. МТВ ми даде друг прекрасен подарок, пат во Лондон на Светското првенство во атлетика.

 

Дека ви недостасува спортското новинарство и местото покрај столчето и малиот екран, залудно е да се прашува, но дали сега од другата страна на ТВ приемникот, гледајќи пренос на некој спортски меч или атлетски митинг, знаете да забележите ,,ех, овој гол требаше да биде на друг начин проследен“ или „трката е толку возбудлива, а коментаторот беше претивок и без емоции“?

-Глумецот гледајќи нечиј филм или театарска претстава би си рекол „јас оваа реплика би ја изговорил вака“, или музичарот во иста ситуација би си помислил „јас ова би го отсвирил поинаку“. Па така е и во коментаторството, секој си има свој начин на гледање на нештата за време на преносот. Тоа е индивидуално. Сите сме со свој различен темперамент.

Несомнено е дека вие сте бард на македонското, но и на екс-ју спортското новинарство, кој постави исклучително високи стандарди. Тие стандарди се тешко достижни, сепак, дали можеби помладата генерација на спортски новинари и коментатори може да изнедри некој нов Калински? Дали постои помлад колега од овие простори кои „на прва“ ви влегол во око и уво?

-Коментаторскиот тим на МТВ несомнено е најсилниот. Од разбирливи причини, бидејќи на својата програма ги има најголемите спортски настани. Без да се почувствува здивот на Олимпијадата, магијата на големите фудбалски настани, грандиозноста на атлетиката, амбиентот во кој сите тие се одвиваат, тешко е да се зборува за можност да се достигне високо коментаторско рамниште. МТВ овозможува да се коментира од лице место, што носи разлика во однос на преносите од студио. Тие преноси обично се поинспиративни, поквалитетни. Така се расте и како коментатор. За жал, приватните телевизии несекогаш се во можност она малку настани за кои ги имаат ТВ правата, да обезбедат коментаторско место за своите репортери. Има и уште нешто. ТВ компании од други земји се почесто ги откупуваат ТВ правата и за територијата на Македонија, без да обезбедат коментар на македонски јазик. Преносите ги следиме со коментар на хрватски или српски јазик. Сетете се само на ланската титула на ракометарите на Вардар без македонски коментатори, потоа преносите од квалификациите за ЕП на фудбалската репрезентација. Крајно време е државата да донесе закон, како што е насекаде во нашето опкружување, кој сака да зрачи сигнал на територијата на Македонија, ќе мора да обезбеди коментар на македонски јазик.

Факт е дека најтешко е да им се удоволи на спортски фанови. Секогаш некој ќе се најде навреден, ќе помисли во текот на преносот дека коментаторот навива за опонентот на неговиот омилен тим, спортист, жаргонски кажано „влече на другата страна“. Дали во вашата кариера некогаш се случило пристрасноста да преовлада, иако пристрасноста не можеме да ја изземеме од нас, особено кога се работи за спортот како таков, втемелен на емоција?

-Објективноста е едно од основните начела. Но, не би било нормално да не ви се „слабост“ своите спортисти. Може ли поинаку да се однесувате кога знаете дека цела нација е на нозе, во исчекување на резултатот, ја зафаќа еуфорија ако се победува, а вие да останете рамнодушен. Во преносите бев често обземен и од моментите на спортска величественост. На пример, соборување на светски рекорд или драматична трка во атлетиката, какви што беа трките на Болт или скоковите на Исинбаева. Или во преноси кога го имате еден Мајкл Џордан, Зидан, Меси, Роналдо, Роналдињо, нивните креации ве креваат како репортер, па сигурен сум дека во тој момент дел од гледачите пред екраните си милеа: „Златко навива“, а јас бев само голем приврзаник на спортската уметност. Еднаш имав и ваква „рецензија“. Во 2002-та го работев финалето на Светското фудбалско првенство помеѓу Бразил и Германија и кога се вратив од Јапонија еден пријател ми вели: “Не можев да те разберам, како тоа во првото полувреме навиваше за Германија, а во второто за Бразил“. Како да му објаснам дека јас ги следев случувањата кога во првиот дел Германците имаа повеќе шанси, а во второто Бразил беше подобар и со головите на Роналдо и Ривалдо ја обезбеди титулата, па тоа го протолкувал како наклонетост.

Бидејќи секогаш љубителите на спортот се заинтригирани од помислата на „обоеноста“ на спортските новинари, веќе кога не го чувствувате притисокот на објективноста, сте имале или имате омилен спортски колектив, фудбалер, кошаркар, атлетичар, ракометар?

-Мислам дека веќе одговорив на ова прашање. „Слабост“ ми биле спортисти или клубови кои во себе носеле спортско мајсторство и харизма.

Кое е најубавото спортско здание на кое сте зачекориле и на кое спортско гледалиште сте почувствувале атмосфера што доведува до морници?

-Во младоста, голема желба ми беше да отидам во Рио на старата „Маракана“. Ми се исполни подоцна, но на новата „Маракана“. Со колегата Горан Стерјов го коментиравме финалето на СП во 2014 помеѓу Германија и Аргентина. Мондијалското финале медиумски е најпривлечниот настан во светот на спортот, а уште кога се игра на најкултниот фудбалски стадион, останува врежано за сите времиња. Но, вистинската „Маракана“ ја почувствуав подоцна на Олимписките игри во Рио. „Маракана“ со Бразил во финалето против „смртниот непријател“ Германија, која две години пред тоа ги понижи „кариоките“ со 7-1. „Маракана“ беше обоена во жолто, со емоционален набој што го нема на друго место, а особено кога пеналите го решаваа победникот. На крај, можете само да ја замислите таа неконтролирана радост, таа екстаза на темпераментните Бразилци.

„Стад д Франс“ во Париз е на свој начин култен. Веројатно ниту една навивачка армија не ја пее химната барем десетпати за време на еден натпревар, како што тоа го прават Франзуците. Кога хор од 80 илјади грла ја пее „Марсељезата“ и во победите и во поразите, делува импозантно и многу патриотски. И ние имаме свои спортски храмови во кои атмосферата не кренала од седиштата, како што беше салата во Градскиот парк со Работнички во неа, салата „Младост“ во Битола од златното време на ракометарите на Пелистер. Култна стана и салата „Кале“ за време на походот на Кометал Ѓорче Петров на врвот на Европа, а сега и Вардаровиот дом во „Јане Сандански“.

Лиричноста и метафората како манир во вашето коментаторство, никого не оставаа рамнодушен. Таквиот, би рекол и поетски израз, сигурно влече корени од вашиот афинитет кон литературата и уметноста. Што највеќе сака да чита Златко Калински, кои му се омилени дела, автори, поети и писатели?

-Омилени писатели, поети…како човек да се определи кога ги има колку и ѕвезди на небото? Во овие кризни денови имав многу време нешто и да препрочитам. Ја читам „Жозеф Фуше“, извонредно дело на Штефан Цвајг за лик на политичар од времето на Француската револуција, обдарен со инстинкт за политичко опстојување при секоја промена на ветрот. Со таквите ликови, кои асоцираат на овој од книгата на Цвајг, се среќаваме и денеска.

 

 

Давор Јосифоски