ММС

Животот е сурова борба полна со предизвици – Александра Јанева го прослави најмирниот роденден

Пандемијата со коронавирусот ја промени и динамиката на роденденски прослави, па една таква, далеку поскоромна од претходните, имаше и пејачката Александра Јанева. За својот дваесет и петти роденден, младата струмичанка реши да и’ подари на публиката видео со интерпретација на светскиот хит Stuck with you. За читателите на mms.mk таа раскажа како го поминува карантинот и какво е влијанието на отстапувањето од „нормалното“ врз нејзиниот живот и кариера.

Stuck with you (Birthday Cover)

Годинава песна наместо торта. 🎂 Мирна, среќна и распеана 25-ка дома. 🤗 Благодарам на сите! #stuckwithyou

Gepostet von Aleksandra Janeva am Montag, 25. Mai 2020

Како го прославуваш овој јубилеен роденден додека сè уште не е завршена кризата поради коронавирусот? Колку актуелната ситуација го прави овој твој роденден поразличен од претходните, нели јубилеите се слават со големи журки?
-Последните три родендени ги славев баш во гужва, но не како домаќин. Се навикнав да си го дочекувам и поминувам роденденот на настапи со мојот бенд, па искрено, годинава ми падна малку чудно. После подолго време, благодарение на коронавирусот  го прославив овој ден во Струмица. Дома имаме двоен роденден – славиме и јас и брат ми. Дефинитивно, 25-ката ќе ја паметам како најмирниот и најразличниот роденден досега.

Какви желби си посака?
-Поради ситуацијата со корона вирусот вистински сфатив колку ми недостасува семејството и колку ме исполнува нивната радост и благосостојба. Сè што посакувам е ваквите моменти да ги има почесто! Мојата среќа е најголема кога најблиските се до мене, здрави и живи!

Како  ги поминуваш деновите во карантин? Дали престојуваш во Скопје или се врати во родната Струмица и колку ти е музиката „лек“ во овие моменти?
-Пола од карантинот го поминав во Скопје, пола во Струмица. Од денешна перспектива мислам дека тоа се покажа како одлична стратегија.  Каде и да одам со себе го носам мојот инструмент и поминувам долги ноќи во негово истражување. Освен свирење и пеење се трудам во својата дневна агенда да вклучам активности за кои подолг период наоѓав оправдувања.

Како се одрази застојот на работите врз твојата кариера? Дали и ти како и останатите музичари се соочуваш со откажани настапи, дали се пролонгираше снимање на некоја песна или можеби видео запис?

-Првата половина од годината немав во план снимање видео записи. Сите поголеми активности и снимања ги планирав по завршувањето на Евровизија. Подолго време подготвувам нов материјал за кој решив да си дадам повеќе време.  Сакам да биде одраз на моето музичко созревање. Од една страна, во ваква ситуација уметниците добиваат креативно слободно време што е мошне позитивно. Но, факт е дека стопирањето на секаков вид настани директно нè погоди нас артистите. Алтернативните можности за комуникација со публиката ги имаме на располагање, но тоа не е долгорочно решение. Важно е да се вратат настапите и сета стопирана нова домашна авторска музика. Се надевам дека ова ќе нè научи да си го вреднуваме домашното творештво и конечно да и’ се пружи можност на македонската забавна сцена да се врати со својот вистински сјај.

Психолозите со кои претходно разговаравме истакнаа дека корона кризата може да има влијание и врз љубовните врски, па оттука би те прашале каква е состојбата во твојот приватен живот? Како на твојот љубовен живот влијаеше пандемијата?
-Овој период не размислувам многу за љубов и врска. Доволна ми е љубовта од блиските и енергијата која ја разменувам со публиката.

Што сметаш за најдобро потрошено време сега додека седиш дома?
-Уживам во сите активности кои ги правам дома! Голем дел од времето одвоив за моето најново хоби – учење клавир. За разлика од порано, успеав да прочитам многу интересни трилери и психолошки драми кои долго време ми стоеја на to do листата.

Колку твоето размислување и сфаќање за животот го смени коронавирусот?
-Можеби нема промени, но сите добивме една потврда и потсетување дека животот е сурова борба полна со предизвици. Во него ништо не е сигурно и доволен е само еден момент да запре сè. Она што сме го граделе со години, може за миг да биде срушено. Ако некогаш помислиме дека поминало сè, ќе се појави нов предизвик кој ќе не’ подготви за некоја следна борба. И така во круг.

Што е она што прво ќе го направиш кога надлежните ќе речат: Корона веќе нема, животот може да почне?

Штом ќе престанат сите ограничувања сакам да продолжам од истото место каде што застанав – во студио. Изолацијата е мошне продуктивен период од животот на секој уметник.  Верувам дека ќе се вратам со уште покреативни идеи и приказни кои ги живеам овие три месеци.

Вања Мицевска