ММС

Градинките ќе се отворат на почетокот, а границите во средината на јуни

Кон почетокот на јуни ќе почнат со работа градинките, а очекувањата се границите да се отворат кон средината на  јуни. Оние лица пак, кои со хуманитарни летови влегуваат во државата, треба да приложат ПЦР тест за коронавирусот и наместо во задолжителен државен карантин, ќе се упатат во задолжителна домашна самоизолација.

Токму средината на јуни, според министерот за здравство, Венко Филипче е најразумен период кога би требало да се отворат границите, апелирајќи дека луѓето можат да одат каде било доколку ги почитуваат мерките.

Во однос на статистиката, вкупно 1.921 дијагностицирани пациенти на КОВИД-19 има до вчера во државата. Од почетокот на епидемијата, оздравени се 1.387 пациенти, а починати 112. Бројот на активни случаи пак, изнесува 422.

Позитивни на коронавирусот се и 14 припадници на Министерството за внатрешни работи, со што од вчера во изолација се ставени сто и тројца полицајци.

Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека засега не се знае како дошло до нивно заразување.

-Сто и три припадници на полицијата се ставени во изолација, а 14 од нив се позитивни на Ковид-19. Засега не се знае како дошло до нивно заразување. Во изолација се ставени полицајци од Скопје, Тетово, но и од други градови, потврдија за МИА од МВР.

Според податоците на Министерството за здравство, на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во текот на вчерашниот ден примени се осум нови пациенти, а хоспитализирани се вкупно 56 пациенти. Потешко болни и на кислородна поддршка се 32, критично болни, а на механичка вентилација се двајца пациенти.

Во болницата „8 Септември” вкупно хоспитализирани се 16 пациенти. На респиратор се пет, a со потешка клиничка слика се уште шест пациенти.

МИА