ММС

Дури 5.000 луѓе во Србија во текот на карантинот побарале психијатриска помош

Есенва на Србија и’ претстои вистинска епидемија од ментални заболувања предизвикани од стрес, предупредуваат стручњаците. Психијатрите се подготвуваат за зголемување на бројот на заболените, а се очекува и зголемување на бројот на корисници на психоактивни супстанци, пишуваат српски медиуми.

Според податоците на Клиниката за психијатриски болести „Лаза Лазаревиќ“ во Белград, дури 5.000 луѓе во Србија во текот на вонредната состојба и епидемијата на коронавирус побарале психијатриска помош поради депресија и анксиозност. Сите тие водат сериозна борба со несоница, страв и нерасположение, а тоа, според стручњаците, се најчести симптоми на анксиозни и депресивни нарушувања и на оние што се појавуваат поради стрес.

„Засега кај нас нема ’синдром на колиба’, како во Италија, во која луѓето долго беа изолирани и не можеа да се вратат во нормален живот. Ние, сепак, не бевме како Италијанците толку долго и во континуитет затворени, па поради тоа се надеваме дека барем тој синдром нема да не’ зафати масовно“, вели за „Информер“ Ивана Сташевиќ – Карличиќ, заменик-директорка на Клиниката за псхијатрија „Лаза Лазаревиќ“ во Белград.