ММС

Успешна првата трансплантацијата на срце кај нас

„Трансплантацијата на срце успешна! Ова е огромен успех на македонското здравство. Честитки до сите колеги“, објави министерот за здравство Венко Филипче, пред околу половина час.

На оваа уваца вест ноќта претходеа неколку информации од министерот дека ноќеска на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“  лекарите се на нога и дека ќе се направи првата трансплантација на срце кај нас.

 

Министерот за здравство Венко Филипче најпрво на својот официјален Фејсбук профил напиша дека во моментов се прави подготовка за правење на првата трансплатација на срце во нашата земја.

„Имаме, за жал, почината пациентка чие семејство се согласи да го донира срцето и пациент кој веќе подолго време чека донор. Се спремаат тимовите и доколку дозволи клиничката состојба во текот на вечерта ќе се изврши најпрво експлантација на срцето од донорот, а потоа и трансплатација“, пишува министерот Филипче.

Тој потоа додаде дека операцијата ќе се изврши на Клиниката за кардиохирургија каде ќе работи мешан тим на кардиохирурзи.

„Станува збор за исклучително тешка и ризична операција. Тимот од кардиохирурзи под водство на Сашко Јовев (Државна Кардиохирургија), Жан Митрев (Клиника Жан Митрев) и Александар Николиќ (Клиника Систина) и Маја Мојсова анестезиолог (КАРИЛ) се подготвува за трансплантација. Експлантацијата е во тек. Им држиме среќа на сите“, напиша министерот.

Ноќта на нозе и со возбуда ја поминаа и младите лекари. Специјалнизантот по васкуларна хирургија Кристија Бундовски на својот Фејсбук профил сподели емотивен статус.

„Доцна во ноќта додека градот спиеше во 02:43 часот зачука срце…..Во Македонија, на се направи прва трансплантација на срце! Вредните раце и паметните глави на нашите врвни стручњаци на чело со Проф. Др. Сашко Јовев, во оваа вонредна состојба направија чудо….испишаа историја !! Во услови на пандемија, во услови на страв, во услови на безнадежност … победи хуманоста и љубовта. Победи цената за сите оние непреспиени ноќи над книга, победи секоја солза и тага за загубен живот, победи вистинска посветеност, да се биде ! Хируршкиот тим со извонредна професионалност, прецизност и внимание го изведе ова ремек дело, а кога би ги претвориле сите оние милиметарски потези во ноти, во операционата сала број 2, оваа ноќ свиреше симфонијата “Живот” !“, напиша тој и сподели неколку фотогрфии.

Објавата беше споделена и на ЈЗУ Универзитетска клинка-државна кардиохирургија.