ММС

Треба да се остане човек меѓу луѓето- Самохраните мајки благодарни на потегот за помош од Андреј и Панчо

Како би можел човек да затвори очи на потребата од храна, особено ако станува збор за деца на самохрани родители? „Лекција“ за хуманост и овој пат одржаа момците од дуото ДНК, Панчо и Андреј. За нив не е необично  да бидат синоним за човечност, и  овој пат тие  покажаа на дело што значи да се биде човек.

Пред еден месец, Панчо и Андреј  покренаа акција за да им помогнат на  ранливите категории граѓани, кои се најдоа затечени во оваа состојба на пандемија и останаа без своите работни места, кои секако им беа извор на егзистенција.Поведени од мислата, дека никој не смее да заспива гладен, поготово не децата на самохраните родители, Панчо и Андреј тргнаа во мисија.

На нивниот апел се јавиле граѓани од различни делови на земјава,и пет семејства во Скопје на кои им доделиле пакети со прехрамбени производи,  кај кои, сепак при првиот контакт кога им се обратиле се чувствувала дозата на непријатност, бидејќи ситуацијата ги натерала да се одлучат на ваков потег- да побараат храна за своите деца.

„Се јавија неколку луѓе и од други места надвор од Скопје, но заради ситуацијата не успеав да ги посетам.Во акцијата се приклучија и други двајца граѓани кои посетија две семејства во Скопските населби и им доделија пакети со прехрамбени производи, не е премногу но, ќе имаат храна за барем 2-3 недели “- ни раскажа Панчо.

Едно од семејствата го посетил и лично тој, станувало збор за госпоѓа, самохран родител на ќеркичка, вели, дека чувството на благодарност од нивна страна е повеќе и од доволно.

„ Како и секој човек гледаш да помогнеш. И  јас немам примања, ние како артисти први бевме исклучени, а последни ќе не вклучат, но колку што можам верувам дека им помогнав барем малку. Тоа што го имам го поделив, треба да се подигне свеста и да се помогне. Ние како артисти живееме од тие луѓе и сега е ред да им се помогне. Треба да останеш човек меѓу сите овие луѓе“ – додаде Панчо

Панчо ни раскажа дека од доделените пакети со прехрамбени производи заминале во рацете на  самохрани мајки, кои во овој период биле испуштени од работа и се соочени со предизвикот како да обезбедат храна за своите деца кога им е скратена основната егзистенцијална поддршка во смисла на месечни примања , а благодарноста од  страна и сигурноста дека семејствата нема да бидат гладни е наградата за момците од ДНК.

Кристина Алексиеска