ММС

Државата не кажува колку точно пестициди завршуваат на македонските ниви

Илјадници тони пестициди и минерални ѓубрива секоја производна сезона се истураат врз земјоделските култури и македонската почва. Државата нема точни информации колку годишно хемиски средства се трошат, додека земјоделците паушално ја вршат заштитата и вршат ѓубрење, бидејќи се оставени сами на себе.

Сторија на Ангел Данов

Никој не води грижа кога треба да се прска, со што и во колкави концентрации. На ова алармираат експерти од областа на заштитата на растенијата, кои предупредуваат дека ова создава простор за загрозување на здравјето на земјоделците,  кои директно се во контакт со препаратите. Потоа кога ги продаваат земјоделските производи, како храна, се загрозува и здравјето на потрошувачите.

Од друга страна, лекарите предупредуваат дека бројот на заболени од рак во континуитет се зголемува во Тиквешијата. Дел од лекарите,  кои не сакаат јавно да говорат,  се сомневаат дека голем дел од карциномите се предизвикани токму од користењето на хемиски средства. Често се тоа и отрови од прва група во производството на земјоделски производи, што преку консумирањето на тие производи директно на удар е здравјето на сите граѓани.

Ваквиот неконтролиран пристап во употребата на хемиски средства остава отворени многу прашања. Кој има интерес од користењето на илјадници тони пестициди и минерални ѓубрива? Зошто се дозволува земјоделците,  кои се недоволно едуцирани,  да го уништуваат своето здравје, но и здравјето на сите кои ги јадат нивните производи со неконтролираното прскање и ѓубрење?

Буквален хаос владее во македонското земјоделско производство

Доктор Ристо Вучков, кој повеќе од три децении е активно вклучен во македоснкиот аграр, вели дека неедуцирани производители на храна, неконтролирано употребуваат хемиски средства за заштита и минерални ѓубрива. Произведува кој што сака и колку сака. Сето ова се случува поради тоа што земјата нема трајна стратегија за земјоделското произвоство. Д-р Вучков обвинува дека ниедна власт досега не собрала храброст да подготви трајна стратегија, која ќе го унапреди македонскиот земјоделец и воопшто аграрот, како ресурс кој во изобилство го има Македонија и за извоз.

– Генералната состојба што ја имаме, тоа  е немање на стратегија и дека стихиски и неконтролирано се употребуваат пестицидите. И хемиските индустрии зборат дека препаратите треба да се употребуваат врз основа на дијагноза. Се дијагностицира болеста и се препишува терапијата, а во терапијата влегуваат тие хемиски средства за заштита. Правиот стручњак го оценува правиот момент, кога треба да се изврши прскањето и тоа превентивно, пред да почнат инфективните процеси. Затоа што во заштитата, филозофијата е да спречиме, а не да лечиме.  Со еден збор нашите производители се оставени на милост и немилост и тие стихиски употребуваат препарати,  или врз основа на дилерот, кој живее од неговото незнаење   – оценува проф. д-р Ристо Вучков и нагласува дека ако стратегијата не се постави на долг пат, не може да очекуваме подобри денови за аграрот во земјава.

-Најмалку се размислува на оној таен, невидлив убиец кој е присутен во Македонија. Јас знам во Кавадарци колку илјадници тони пестициди и минерални ѓубрива неконтролирано се употребуваат. Во Струмица се трошат два пати повеќе. Медицинарите го кријат процентот на канцерогени заболувања на ниво на држава“ вели Вучков.

За него е не сфатливо што никој во државата не водел грижа за овој огромен проблем.

-За тоа постојат институции кои земаат пари од буџетот, стручни лица, факултети – „за извоз“ и на крај имаме  не едуциран производител,  кој користи пестициди по некои сопствени убедувања или по убедување на аптекарите кои живеат од незнаењето на производителот“ додава проф. д-р Вучков.

Тој апелира државата да започне со поголема контрола врз досегашната неконтролирана употреба на пестицидите и ѓубривата, а исто така производителите да се едуцираат дека средства за заштита се употребуваат само по утврдена дијагноза од стручни лица, а минерални ѓубрива по направена лабораториска анализа на почвата. Укажува дека доколку сакаме да извезуваме  земјоделски производи на пазарите во Европската Унија, едукацијата на земјоделците  да почне час поскоро, но тоа е потребно и за заштита на здравјето на производителите и консуматорите на овошје и зеленчук.

Земјоделците се жалат дека никој не ги едуцира како да ја вршат заштита и прихраната на растенијата

Со самиот старт на вегетацијата, тракторите со прикачени атомизери се секојдневие низ улиците во градовите и селата од Тиквешијата. Земјоделците итаат час поскоро да ги испрскаат лозјата, за да ги заштитат од болести и штетници. Велат, роковите кога треба да прскаат ги утврдуваат сами. Кои средства и во колкави концентрации треба да се аплицираат, исто така или самите или со помош на вработените во земјоделските аптеки, кои раце тријат секоја сезона од незнаењето на земјоделците.

-Речиси секоја година во исти периоди вршиме прскање. Така правеле и нашите родители. Многу често имаме проблеми,  бидејќи болестите или штетниците не се сузбиваат, па  се сомневаме во квалитетот на препаратите. Во поново време како препаратите да немаат сила против болестите и штеточините“, вели претседателот на лозарското здружение од Кавадарци, Трајче Кулев, кој и самиот е лозаро-производител.

Тој ги потврдува тврдењата на проф. д-р Вучков, дека нема служба која им помага во организирањето на заштитата. Ниту пак ѓубрењето го вршат врз основа на претходно направени агро хемиски анализи.

-Значи треба да се едуцираме. Да најдеме некој начин, тука е МЗШВ да ни помоне. Аптекарите гледаат да си ги продадат нивните препарати. Ако лозјето е заболено од пепелница, тие ни велат стави и за пламеница. Ние самите лозари се труеме со тие пестициди. Некогаш може треба помала количина од средството, а ние ставаме дупли дози, така се ставаме и во дупли трошоци“ вели Кулев.

Свесен е дека со неконтролираната употреба на хемиските средства и ѓубривата го загрозуваат прво сопственото, а потоа и здравјето на другите, но вели, да се надмине тоа, мора да се вклучи државата и науката.

 

Лекарите апелираат на поголема одговорност при употребата на пестициди

“Без лекар да не се зема антибиотик, а без агроном да не се користат хемиски средства за заштита“ апелира д-р Снежана Јованова, која триесетина години работи како матичен лекар, а беше и дел од тимот на итната медицинска помош во Кавадарци. Таа сведочи дека често земјоделците го нарушуваат своето здравје поради не едуцираност. Додека прскаат не носат никаква заштитна опрема.

Прашавме во Министерството за земјоделство, дали има институција што знае колку пестициди и минерални ѓубрива годишно се трошат во земјава.

„Надлежен орган за инспекциски надзор при увоз на земјоделски производи е Државниот инспекторат за земјоделство преку Државните фито санитарни инспектори и Државните инспектори за земјоделство“ вака одговорија од МЗШВ на нашето прашање, без конкретно да се споменат количини.

„Производите за заштита на растенијата се регулирани во Законот за производи за заштита на растенијата, додека ѓубрињата се регулиранои во Закон за ѓубриња, биостимулатори и подобрувачи на својствата на почвата.   Согласно овие два закони контролата над прометот и начинот на употребувањето на овие агрохемикалии ги врши Државниот инспекторат за земјоделство преку Државните фитосанитарни инспектори и Државните инспектори за земјоделство“ појаснуваат од МЗШВ во одговорот на нашето прашање, дали некој ги контролира пестицидите и минералните ѓубрива.

Од оваа институција не се согласуваат дека земјоделците се оставени сами на себе и можат слободно да прскаат без препорака од стручно лице. Најавуваат во следниот период многу позасилени контроли при употребата на хемикалии.

„Законот за здравје на растенијата има дефинирано лице одговорно за здравје на растенијата кое е одговорно за здравјето на самите растенија како и на целокупниот посев во целост. Ова лице е одговорно за преземање на мерки и активности за одржување на кондиција на посевот и за производство на здрав раститрелен материјал. Во предлог Законот за фитофармација кој е во собраниска процедура уште повеќе се зајакнува процедурата и контролата со воведување на советник – дистрибутер кој за да ја спроведува својата работа ќе мора да има лиценца. Но не само дистрибутерот во земјоделските аптеки и земјоделец за да може да купи пестицид ќе мора да има лиценца за употребување на производи за заштита на растенија, без кој нема да може да набави производ за заштита на растенија.

МЗШВ: Се контролираат земјоделските производи за присуство на резидуи од пестициди

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку Фитосанитарната управа секоја година подготвува,  а Владата на Република Северна Македонија ја носи Годишната мониторинг програма за производство, промет и употреба на производи за заштита на растенија,  како и мониторинг на резидуите од производите за заштита на растенијата. Оваа програма ја спроведува Фитосанитарна управа, мострите ги зема Државниот инспекторат за земјоделство додека анализите ги спроведува Државната фитосанитарна лабораторија.

Покрај ова Државниот инспекторат за земјоделство носи и годишна инспекторска програма во која се прави програма и план на земање на мостри од страна на Државните земјоделски инспектори и Државните фито санитарни инспектори,  во процес на инспекциски надзор – објаснуваат од Министерството.

Од оваа институција, која треба да води грижа за производите од македонскиот аграр сепак признаваат дека се користат многу ѓубрива и пестициди. Велат, тоа го правеле земјоделците за да постигнат подобра заштита и да добијат повисок принос од своето производство.

„ Тоа е една голема грешка затоа  што производителите за да регистрираат еден производ мора да поминат строга процедура на Европската агенција за безбедност на храна,  во која како посебен дел се испитува оптималната количина на производ за заштита на растенија треба да се употреби и во која фаза од земјоделското производство. Исто така со зголемено употребување на овој производ се загрозува безбедноста на производот кој се произведува,  односно се зголемува остатокот од пестицид на производот,  со што истиот не е за хумана употреба,  ниту пак може да се користи како храна за животни. Затоа е неопходно зголемена едукација на земјоделските производители – одговорија на нашето прашање од МЗШВ.

Од таму велат дека слична е состојбата и со употребата на минералните ѓубрива,  односно земјоделските производители употребуваат зголемено количество на ѓубре,  сакајќи да имаат поголем плод,  без при тоа да направат агро хемиска анализа на почвата,  а со тоа и да додаваат поголемо количество на определени минерални ѓубрива и со истите да ја денатурираат почвата,  да ја еродираат како и да ја направат не погодна за употреба како подлога за земјоделско производство.

Од МЗШВ се децидни дека сепак се контролираат македонските земјоделски производи од страна на Државните фито санитарни инспектори и инспекторите за храна, пред производите да се најдат на пазарите.

Стручњаците не се сложуваат. Објаснуваат дека многу мал дел од производството е контролирано, посебно тоа што заминува за извоз, а делот што се продава на домашниот пазар завршува без да биде проверено или доволно проверено, затоа здравјето на граѓаните е се по загрозено.

Варијации во потрошените количини на минерални ѓубрива и пестициди низ годините

Податоците до кои успеавме да дојдеме, а се објавени во брошура на МЖСПП  покажуваат дека употребата на мешани минерални ѓубрива од 2000 до 2009 се намалила за 93,26%, а во периодот од 2009 до 2012 година има постепено зголемување за 411,82%. Употребата на  калиумови  ѓубрива покажува  периодичен  тренд  на намалување  и  зголемување, употребата во 2012 година се зголемува за 100% во однос на 2011 година. Употребата на минерални ѓубрива на обработлива површина (kg/ha), од земјоделски претпријатија и земјоделски задруги, во разгледуваниот период има периодичен тренд на намалување и зголемување.

Според податоците содржани во оваа брошура, употребата на пестициди во земјоделството, кое ги вклучува сите средства за заштита на растенијата како фунгициди, хербициди, инсектициди и вкупното количество, покажува тренд на намалување од 2000  до  2005  година,  нагло  зголемување  во  2006  и  повторно намалување до 2012 година.

Во Националниот еколошки акционен план – 2, наведена е мерка за рационално користење на природните  ресурси,  како  и  контролирана  употреба  на  пестициди  т.е.  средства  за  заштита  на растенијата. Воедно, нагласена е потребата од воспоставување на мониторинг и информативен систем за почва во кој би се следела и потрошувачката на пестицидите.

Час поскоро, треба да се даде одговор кому му одговара неконтролираната употреба на пестициди. Додека растат хемиските индустрии,  се повеќе страдаат земјоделците,  но и недолжните граѓани, кои мислејќи дека јадат витамини и минерали се хранат со тешки отрови, паралелно со тоа се загадува и животната средина. Злоупотребата на овие  хемиски средства, според стручни лица се „причина“ и за загаден воздух.

Сторијата е дел од проектот ,,И локалната инфомираност е тест за ЕУ“, финансиран од Фондацијата Отворено општество-Македонија„

Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот ЗГ „Медиа плус“ од Штип и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество-Македонија.