ММС

ФФМ објави што треба да направи секој клуб за да игра во корона периодот

ФФМ утре од 12.30 часот со присуство и на главниот епидемиолог во земјава д-р Жарко Караџовски ќе го промовира протоколот за фудбал, не само за доигрување на сезонава, туку и за новата сезона, сè додека не се врати во комплетна нормала севкупниот живот во земјава и во светот. Клубовите утре ќе се изјаснат околу доигрувањето на сезоната.

Според протоколот кој го подготви ФФМ и тоа со огромно задоцнување, зашто досега веќе требаше да биде обелоденет после одобрување од комисијата за заразни болести, предвидени се низа мерки со кои фудбалерите и сите учесници ќе треба максимално да се заштитат, да ги почитуваат препораките и со тоа ризикот од зараза, а потоа и од пренесување на истата да се сведе на најмал можен ризик.

Сите фудбалски мечеви ќе се играат без публика, а освен што фудбалерите ќе мора да потпишат изјава за одговорност како услов за учество во натпреварувањето, играчите заедно со стручниот штаб, персоналот и вработените се должни да склучат договори со една од осигурителните компании за осигурување, како последица од зараза од Ковид-19 за време на тренинзи или мечеви. Тоа ќе значи дека клубовите ќе бидат дополнително оптоварени финансиски за да го платат дополнителното „здравствено осигурување“ на околу 40-на лица, зашто ќе мора да го осигураат комплетниот играчки кадар, тренерите, лекарскиот тим и вработените во клубот.

Според протоколот предвидено е двојно тестирање, прво пред стартот на тренажниот процес, кој секако ќе потрае од околу три недели, како и тестирање пред стартот на доигрувањето на сезоната, но не е исклучена можноста и за дополнително тестирање. Ама, плус и да се направи скрининг на сите во фудбалот пред да започне процесот со тренинзи и мечеви.

Ова значи дека македонските екипи ќе треба добро да почекаат додека се вратат во ритам, зашто самиот скрининг, тестирања, ќе одземат (по)долго време, што би значело дека утре дури и да се договорат за рестарт на сезоната и почеток на тренинзи, тешко замисливо би било дека тоа ќе се случи пред почетокот на јуни, а со тоа најрано пред крајот на јуни би почнало првенството после тринеделни подготовки. Од сите, само Македонија ЃП направи досега комплетно тестирање на играчите, стручниот штаб и администрацијата откако пред два дена направија тестови преку Синдикатот на фудбалери (СФМ) во приватната клиника Аџибадем Систина

Во овие главни мерки кои се услов за почеток на севкупниот фудбалски процес, тука се основните мерки на задолжително мерење на телесна температура при секое доаѓање на стадион, задолжително користење на дезинфекциски средства за раце и нозе, уште поголеми мерки на лична хигиена (миење на раце, употреба на маски кога е тоа можно…), зголемено ниво на дезинфекција на просториите на стадионот и тренинг-камповите, опремата, како и физичката дистанца како што е да нема ракувања, гушкања за прослави или било кој друг контакт.

извор-спорт 1