ММС

Кога политиката ќе тргне раце од здравството, тогаш има напредок, вели доктор Христијан Миленковски, кој работи и се бори против пандемијата во Англија

Доктор Христијан Миленковски, кој потекнува од Валандово, е доказ за успешна животна и професионална приказна на нашите во светот. Неговото патешествие почнало кога се запишал на медицинскиот факултет во Пловдив, Бугарија, каде и дипломирал.  Потоа заминал во Канада, но од таму набргу се преселил во Европа. Се запишал на специјализација по Интерна медицина на Royal College of Physicians of Ireland, во Даблин, Ирска, каде работел во познатите „Beaumont and Connolly“ болници. Од таму заминал за Лондон, каде специјализирал и семејна медицина на The Royal College of General Practitioners, а веќе од 2017 година станал член на Кралскиот колеџ во Англија. Минатата година, пак, станал член и на Кралскиот колеџ на општи лекари  во Австралија (The Royal Australian College of General Practitioners). Миленковски сега работи во „Канук Чејс“ болницата во Стафордшир, Велика Британија, а како член на Кралскиот колеџ на општи лекари на обединетото кралство и член на Кралскиот австралиски колеџ на општи лекари, живее на релација Англија- Австралија, бидејќи работи и во болница во Волонгог.

Пандемијата го најде во Австралија и, како што вели, последниот лет го фатил за да се врати во Англија со семејството, сопругата Мина, која е стоматолог, и децата Сониа и Филип, инаку ќе останел „заробен“.  Во моментов се бори со пандемијата во болницата во  Стафордшир и вели дека и кај нив како во светот воопшто има многу повеќе  прашања отколку одговори  за заразата со Ковид-19.

-Во моментов во Британија има 233.000 позитивни на Ковид-19, но да потенцирам дека тестирани се мнозинството пациенти со посериозни симптоми кои што биле примени или третирани во болница.  Голем дел од луѓето со симптоми кои немат потреба од болнично лекување не се тестирани и затоа не се знае реалната бројка на заразени од вирусот. Но, како и да е во моментот има 33.600 починати, кои биле позитивни на Ковид-19.  Мерките за контрола на Ковид-19 на британската Влада се водат од препораките на медицинските и научни експерти од светот. Се воведе целосното затворање( Lockwdown) на 23 март. Останаа да функционираат само одредени витални гранки од стопанството за да има одредена општествена функционалност. Границите не се затворија  и се уште нема карантин за патниците кои доаѓаат во Англија, но се разговара за воведување наредните недели, вели Миленковски.

Кај нас има негодувања околу траење на полицискиот час, а во Англија, како што вели Миленковски, е многу посмирено.

 

-Јавноста реагира многу смирено  и со почит кон мерките на Владата, затоа нема потреба од воведување полициски час туку само препорака до јавноста. И јавноста во глобала има разбирање за сериозноста на ситуацијата. Голем дел од вработените што неможат да работат поради ситуацијата добиваат помош од државата . Во здравството се воведоа инстант мерки со одложување на планирани  прегледи и операции  за други болести, бидејќи дел од здравствените работници се пренасочија да работат во оделенија каде има потреба.  Се отворија седум специјални болници  (NHS Nightingale Hospitals) со возможност за интензивна  и критична нега  за Ковид пациенти. Се воспостави онлајн систем за телефонски и видео консултации, и се отворија локални специјални кабинети каде што работат лекари со адекватна опрема и мерки за контрола на вирусот. Ваквите единици не вршат тестирање за Корона туку само асистираат- дали има потреба пациентот да биде препратен во болница за понатамошно прегледување и тестирање, или може да биде третиран во домашни услови со помош на општинскиот здравствен тим ( Community nursing team), додава доктор Христијан.

Како дел од тимот на болницата во Стафордшир тој вели дека тие не примаат пациенти, туку само консултации, кои првенствено се одвиваат преку телефон или видео конференции. Дури потоа, доколку има потреба, се организираат понатамошни прегледи. Според него вака ќе биде се додека не се најде вакцина.

-Како што знаете на Универзитетот во Оксфорд веќе е започнато клиничко испитување за вакцина со здрави паценти,но, мои колеги кои работат на вакцината велат дека тоа ќе одземе доста време за да се видат целосните резултати. Тоа е, нема како да се забрза времето. Како и секаде, така и тука се истражуваат разни проекти и опции за излез од пандемијата. И покрај се, овде продолжува вакцинирањето од другите потребни вакцини на децата, како што си беше порано, пред пандемијата. Тоа е многу важно за да не се појават повеќе инфекции, имајќи ги в предвид случаите со мали сипаници, минатата година, вели Миленковски и додава:

„И тука во моментов се прашуваат: Дали вакцината за  мали сипаници-заушки-рубела ( ММR ) придонесува за намалување на смртноста од сериозна форма на Ковид-19 инфекција? Интересна анализа за ММР вакцината објави Универзитетот на Кембриџ базирана на генетски и епидемиолошки податоци и идентифицираа генетска и структурна хомологија од скоро 30% меѓу САРС-ЦоВ-2 вирусот и рубела вирусот, така да се претпоставува дека ова може да е причината зошто мнозинството деца имаат слаба или безсимптомна  инфекција од Ковид-19. А постарите лица кои најчесто не се вакцинирани или дури и да имале природен имунитет од претходна рубела инфекција најчесто со понапредната возраст се губат антителата за заштита и страдаат од посериозна или фатална Ковид-19 инфекција“, вели доктор Миленковски.

Тој објасни дека кога вирусот навлегува но нашите тела, доколку немаме имунитет, независно дали е стекнат од вакцина или претходна инфекција, тој навлегува во клетките и се размножува и проширува по целото тело. Најчесто симптомите што ги имаме се резултат на нашиот имунитет кој се бори против вирусот.

-Во посеризоните случаи имуниот систем произведува прекумерно одредени протеини и води до така наречената цитокинова бура, која предизвикува повреда на виталните органи и интраваскуларно згрутчување на крвта. Во светот се во тек над 300 клинички испитувања и во повекето случаи станува збор за веќе познати лекови за други болести што може да бидат пренаменети за третман на Ковид-19. Затоа што нови лекови одземаат многу време за да достигнат ниво на клиничка употреба. Тоа се лекови, на пример, кои веќе ги користиме за маларија, ревматоиден артрит, ХИВ, АЦЕ инхибитори, антикоагуланти… За вакцина за САРС-ЦоВ-2 ќе треба да помине многу време, сигурно повеќе од една година, за да се докаже ефективност и сигурност, а не постои начин да се забрза времето. Да се надеваме дека пациентите кои го прележале вирусото Ковид-19  имаат стекнато имунитет и дека е траен, ама само времето ќе покаже дали е така, објаснува тој.

 

А што се однесува до споредбата со нашето здравство тој вели дека: „Споредба за здравството овде и здравството таму е тешко да се направи. Но, еве за споредба, на пример, овде за Здравствениот систем се од обвојуваат скоро 10% од бруто домашниот приход (GDP) за разлика од 6% во Македонија. Финансиите во здравството се витални за функционален систем. Националниот здравствен систем (NHS) овде вработува околу 1.7 милиони луѓе,  што мислам дека е петти по големина вработувач во светот. Здрвството овде не го управува политиката и политичките партии, и мислам дека тоа е многу важно за еден систем да напредува во професионален правец“.