ММС

Оливие Жиру и Вили Кабаљеро уште една сезона со Челзи

Францускиот напаѓач Оливиер Жиру и аргентинскиот голмански ветеран, Вили Кабаљеро, ја продолжуваат верноста кон клубот од западен Лондон на уште една година.

33 годишниот освојувач на светската титула од 2018 година има големо значење за младиот тим на Лампард и неговото искуство ги натера „сините“ да ја продолжат соработката со него. Тој ќе настапува за Челзи во сезоната 2020/21.

-Јас сум презадоволен што го продолжувам моето патување и авантура со Челзи. Одвај чекам да се вратам назад на терените и да уживам во компетитивниот фудбал со моите соиграчи. Се радувам што ќе го носам повторно дресот на Челзи, особено на „Стемфорд Бриџ“, кога ќе биде безбедно за тоа, изјави Жиру за клупскиот официјален сајт.

Поранешниот чувар на мрежите на Малага и Манчестер Сити, исто така изрази огромно задоволство поради потпишувањето на новиот договор.

-Многу сум среќен. Чест и привилегија е да се бидел дел од овој состав на Челзи и од целото „Челзи семејство“, во еден историски англиски клуб.

Кабаљeро вообичаено е опција од клупата на Лампард и замена за шпанскиот интернациналец Кепа Аризабалага.