ММС

Објавено на: 05/20/20 8:24 AM

Да не се урочиме, убаво живееме без Корона , вели пејачот Благојче Стојановски-Туше, кој заедно со ресенчани се радува што немаат заразени

Да беше се како треба пејачот Благојче Стојановски, попознат како Туше од Ресен веќе ќе беше на пат за Австралија. Но, поради пандемијата неговата турнеја е откажана, а ако станува збор за здравјето, подобро е така, бидејќи Ресен е град во кој во моментов нема официјално  заразени од Корона вирусот.Дали е среќа, или како што на шега велат ресенчани, знаат магии, или, пак, како што навистина сметаат дека вирусот кај нив поминал уште во јануари, Туше вели дека не зна, но не е само тој,  никој не знае што ќе се случува.  Важно во моментов е што, во оваа корона лудило во државава, тие се спокојни, расположени, но и внимателни. Ресенчани во моментов се убава и позитивна приказна.

-Расположението во Ресен ни е на одлично ниво и да не се урочиме, мислам дека сме единствената општина која што е без зараза на Ковид-19. Значи ние сме многу среќни, расположени и дај Боже така да остане до крајот на пандемијата.

Зошто нема, што сметаат ресенчани, што се зборува? Па и ресенчани излегуваат од градот, се мешаат со други луѓе. На шега велат дека знаете магии..

-Хахахха… За магии не,  за такви нешта не сум сигурен. Можно е да има нешто. Ха ха ха… Контактирам со многу луѓе и сите со кои сум разговарал на оваа тема се согласни дека Ковид-19 во Ресен поминал уште во јануари. И затоа сега состојбата е таква и сме мирни. Е сега, колку има вистина во тоа не знам.. Јас во јануари и фебруари бев во Австралија и не знам дали навистина уште во јануари да поминала заразата во Ресен. Но, луѓето се убедени.

Сепак, има ли страв, се носат ли заштитни маски, како се поздравувате, држите ли дистанца и покрај се?

-На почетокот на пандемијата, околу средината на март состојбата и во Ресен  беше напната,  иста како и во сите останати градови.Се бараа маски, ракавици, средства за дезинфекција… Ама како што поминува времето се повеќе се опуштаме, повеќе контактираме со блиските околу нас. Но, сепак, има дисциплина, и се носат заштитни маски, се користат заштитни средства.

Ја почнавте ли сезоната на капење во езерото и што ќе правите со туристите од другите градови кои ќе сакаат да дојдат летово? Какво е размислувањето на ресенчани?

   Туше со семејствот се шета околу Ресен

-Сезоната на капење се уште не е почната, но раздвиженост во туриситичките места има. Особено за викендите во Претор, Отешево, Крани. Искрено не знам какви се очекувањата. Дај Боже да грешам, но со тоа што нема да имаме гости од дијаспората лошо ни се пишува. Но, пак ќе речам, дека ова што го кажувам не сакам да биде точно. Но, што е тука е. Ние што живееме во Македонија ова лето ќе летуваме дома и ќе ги трошиме парите тука во Македонија.

Како живееш ти, со олед на тоа што твоите настапи претежно се во Австралија, а патување нема?

– Јас живеам одлично. И искрен да бидам ми требаше еден ваков подолг одмор, да бидам блиску до семејството. А што се однесува до настапите- исто како сите мои колеги така и јас.  Останавме дома, нема забави, нема свадби, нема домашни веселби. Од тој аспект тешка е ситуацијата кај музичарите, особено кои живеат само од музика. Многумина имаат и друга работа, но оние кои егзиситраа само од музика е многу тешко.

Овој месец требаше да заминеш на турнеја низ Асвтралија, но поради пандемијата е откажана. Какво е расположението нашинците во дијаспората? Има ли најава кога ќе заминеш пак?

-Да, откажав турнеја во мај во Австралија. Откажани се настапи во Македонија за јуни, јули и август. Откажана е турнејата во септември за Америка. За Австралија закажав нова турнеја во октомври-ноември, но дали ќе се оствари не се знае. Сега за сега ситуацијата е таква и не може ништо да се планира. Се надевам  се ќе се промени и ќе тргне на подобро. Сепак, здравјето е најважно..


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1