ММС

Таксист е новозаболениот со Ковид 19 од Штип

Со симптоми, а потоа и потврден тест на Ковид 19 на Инфективното одделение во Клиничката болница во Штип е примен штијанец, кој возел такси во Штип. Информацијата ја потврдија во Центарот за јавно здравје во Штип, каде се обидуваат да ги лоцираат сите негови контакти. Заболениот не работел неколку дена, откако ги почувствувал симптомите. Меѓутоа, колку време бил инфективен, тешко е да се каже. Човекот бил прилично комуникативен, што дополнително ја комплицира ситуацијата. Дополнително усложува тоа што сопругата на заболениот е медицинско лице, меѓутоа цело време била во заштитна облека во ординацијата каде работи.

Од изутрината веста за заболениот таксист го обиколи градот. Разговавме со некои од таксистите, кои предупредуваат дека и покрај тоа што носат заштитни маски и си ги дезинфицираат рацете, сепак дезинфекција на возилото по завршувањето на услугата не се врши. Освен средства за лична дезинфекција, во возилата нема друга превенција од вирусот.

Од Општината Штип потврдија дека сите такси возилата во Штип се дезинфицирани еднаш, кога градот спроведе нивна целосна дезинфекција, но понатаму е обврска на компанијата и возачот, според препораките на властите.