ММС

Полицијата откри двајца осомничени за разбојништво и 22-годишник кој фалсификувал дозволи за движење

Пиштол, мобилни телефони, ранци, обувки и повеќе други предмети кои потекнуваат од кривични дела „разбојништво“, „разбојничка кражба“ и „кражба“ пронашла полицијата при претрес во дом на ул.„Никола Русински“, каде биле пронајдени осомничените С.Ј.(40) и Т.П.(41).  По добиена наредба од судија на претходна постапка, мерките за претрес ги презела Единицата за внатрешни работи Карпош при СВР Скопје.

Како што соопшти МВР, во вторникот (12 мај), на ул.„Радика“ осомничените со закана со пиштол ѝ одзеле ранец со предмети на Н.К., а вчера (15 мај) во 11.45 часот било пријавено дека на ул.„Варшавска“ во влез од зграда две непознати лица со закана со пиштол ѝ го одзеле мобилниот телефон на И.Л.Б.(30) од Скопје и физички ја нападнале.

СВР Скопје работи на целосно документирање на случајот по што до Основното јавно обвинителство Скопје ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Исто така, полициски службеници од СВР Скопје, по наредба од судија на претходна постапка, извршиле претрес во дом на ул.„Владимир Комаров“ во Скопје, каде престојува З.Т. (22) од Битола, при што биле пронајдени предмети за изработување дозволи за движење при забрана за движење, фалсификувани документи за кредити и други предмети.

-З.Т. признал дека изработил пет лажни дозволи за движење во полициски час, со печат на два правни субјекта кои биле дадени за лицата: З.Т., М.Н., С.Л., С.Д. и М.М. По документирање на настанот, ќе бидат поднесени соодветни поднесоци, соопшти МВР.

МИА