ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 06/6/18 8:59 AM

Зошто вулканот Фуего е толку смртоносен ?

Десетици луѓе ги загубија животите, а многумина се исчезнати откако се активира вулканот Фуего во Гватемала, на 3 јуни. Во последниве неколку години Фуего редовно исфрлаше по малку пепел и гас, кои не претставуваа голем ризик за околното население, но вулканот има репутација на вулкан со поголеми експлозивни ерупции.

Овие поголеми ерупции носат две главни опасности – пепелта и тефрата кои паѓаат и пирокластичните текови. Од овие две, пирокластичните текови (материјали) се големите убијци и се одговорни за загубата на животите при последната ерупција.

Какви се овие текови и зошто се толку смртоносни? И што можат да направат луѓето за да ги избегнат?

На една снимка направена на 3 јуни од мост над сува долина може да се види како вулканот исфрла пепел, и тоа изгледа безопасно. Жителите и службените лица гледаат хипнотизирани, но тогаш облакот оди кон долината и се движи токму кон мостот. Луѓето успеваат да избегаат навреме.

На снимката може да се види како облакот од пепел минува под, а потоа и над мостот. Набљудувачите ги делеа само неколку секунди од сигурна смрт бидејќи токму овој облак, кој изгледа безопасен, е озлогласениот убиец познат како пирокластичен тек.

Пирокластичните текови содржат пеколна комбинација од тефра, супер жежок воздух и вулкански гасови. Можете да очекувате температури од 100 до 600 Целзиусови степени. Исто така, тековите имаат голема брзина на движење на удолници. Брзината генерално варира меѓу 110 и 320 километри на час, а постојат снимки како се движат и со брзина од 720 километри на час. Со оглед на тоа дека се потешки (погусти) од воздухот, тие претежно се канализираат во долините. Но, можат да се издигнат и по краевите на долините, па дури и на планините. Кога пирокластичниот тек е во движење, најлошото место каде што може да бидете е во долина. Токму затоа набљудувачите на мостот имаа голема среќа.

Она што изненади многу вулканолози е тоа што луѓето всушност стоеле и фотографирале додека облакот се спуштал. Тоа секако е хипнотизирачки и прекрасен феномен, но секој вулкански облак што дури и само малку се движи кон вас е јасен знак дека треба да бегате. Реткост е ерупциите на Фуего да произведат такви големи пирокластични текови кои патуваат толку далеку.

Еден озлогласен пример на пирокластични текови е ерупцијата на вулканот Мон Пеле на островот Мартиник, која се случила на 8 мај 1902 година. Пирокластичните текови уништиле цел град и убиле околу 30.000 луѓе. Само неколкумина преживеале, а меѓу нив нив бил и еден затвореник. Ова е најголемата загуба на човечки животи предизвикана од пирокластични текови во изминатите два века.

Еден од најпознатите историски примери за уништувањето и загубата на животи предизвикана од пирокластични текови е она што се случило на Помпеја и Херкуланеум кога Везув еруптирал во 79 година.

Вулканолозите знаат дека фреквенцијата на големите ерупции на одреден вулкан може да е една во неколку векови или неколку илјади години. Но, овие бројки го губат влијанието на човековиот времеплов бидејќи може да нема роднини кои се сеќаваат на минатите ерупции и така надвладува пријатното чувство дека сѐ е во ред.

Сѐ уште е рано да се каже што ќе се случи со Фуего. Но, со оглед на неодамнешната историја, оваа ерупција е невообичаено голем и екстремен настан.

Сепак, што и да се случи, ќе има многу работа во обновувањето на уништеното и ќе треба време додека да помине болката за загубените животи.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1