ММС

Објавено на: 05/12/20 7:48 AM

Факт е дека цела бранша остана без приходи, музиката е на раб на пропаст, вели Благоја Грујовски, в.д. претседател на Здружението на естрадни уметници

„Да се помогне на загрозените пејачи“ е барањето што пред некој ден Здружението на естрадни уметници го испрати до Владата а кое наиде на многу негодување во јавноста со образложение дека -„Па тие имаат пари, има многу позагрозени од нив“. Угостителските објекти веќе трет месец се затворени, а тоа, за многумина во естрадата, е единствениот приход.  В.Д. претседателот на Здружението, фолк пејачот Благоја Грујовски вели дека погрешна е претставата на јавноста. Според него естрадата не се само пејачите од првиот ешалон, кои во ваква ситуација можеби и имаат некоја заштеда, па можат некој месец да издржат без приходи, но има пејачи и музичари, чија егзистенција е само музиката и кои немаат заштеда, не се многу платени, а имаат семејства . Нивната бројка не е мала и не е нивна вина во оваа ситуација се на работ на егзистенција, вели Благоја Грујовски за mms.mk и додава:

– Прво, пејачите се само еден мал дел од естрадната бранша и во случајов најмалку релевантни. Естрадата подразбира многу повеќе од тоа. Не се знае точниот број, но се смета дека во земјава неколку илјади луѓе егзистираат од сценска работа. Материјалната состојба на припадниците на оваа голема заедница е шаренолика. Има успешни поединци кои се релативно добро ситуирани,но повеќето се со просечна заработувачка за нормален живот. И статусот исто така им е различен. На некои музиката им е дополнителна дејност а на поголемиот дел основна работа. Ова обраќање до институциите е пред сѐ мотивирано од актуелната криза во која целата бранша остана без работа, а голем дел од нив и без егзистенција. Целта е да се сврти вниманието на институциите дека постои една голема групација луѓе кои егзистираат од дејност која е на работ на системот. Свесни сме дека можностите за финансиска поддршка се минимални.

Здружението на естрадни уметници, кај што во моментов си претседател, долги години наназад не функционира. Пејачите се жалат дека е изгубена суштината на неговото значење. Зошто е тоа така?

-Голем дел од луѓето и не знаат дека постои здружението. Тоа е формирано пред 50 години од тогашните легенди на македонската популарна музика. Во него членуваа сите врвни уметници. Сите концертни активности во тоа време се одвивале преку естрадата, некои дури имаат остварено години стаж. Тие со свои средства го купија и просторот кој до денес го имаме. По осамостојувањето естрадната дејност не доби законска форма. Сегашната формулација за сите самостојни уметници е “трговец поединец” што не ја дефинира точно нашава работа. Затоа во наредните години здружението ја изгуби својата улога и се намали интересот на музичарите да се здружуваат. Така здружението остана само на гол опстанок, со малубројно членство, главно уметници кои гостуваат во странство. Моментално нема ни  вработени. Затоа и немаше активности и нереално е да се очекуваат сериозни зафати со празна каса. Но сепак успеавме да го зачуваме здружението. Тоа и натаму е отворено за сите што сакаат да се зачленат. Ние неколкумина што сме моментално во одборот ова го правиме чисто волонтерски. Наскоро кога ќе бидат дозволени собири ќе свикаме собрание на кое треба да се избере ново раководство.

Колку членови брои  Здружението и која е неговата задача?

– Бројот на редовни активни членови е мал во споредба со бројот на музичари. Но бројот на зачленети што циркулираа во последниве години е неколку стотини.  Една од задачите на здружението е во вакви неповолни времиња да проговори во името на сите уметници кои се оставени сами на себе. Барем тоа.

Поголем дел од пејачите, односно естрадата не се вработени никаде, ниту, пак, здружението помага? Што според твое мислење, како претседател, треба да се направи за да естрадата ни се легализира?  Сега се се договара на црно, пари на црно…?

– Пак ќе кажам дека пејачите се најмалубројни најневажни во темава иако во јавноста се најекспонирани. Сега говориме за сите припадници на естрадата кои во најголем број се музичари. Никој на никого не му наоѓа работа. Секој сам се грижи за своите ангажмани. Не е сѐ така “црно”, но факт е дека естрадата е фрлена на работ на системот. Не знам дали на некого му одговара сегашната ситуација ама јас мислам дека треба да имаме постабилен статус во општеството. Имаме и концепт за тоа кој ќе го елаборираме наскоро. Накратко, идејата се базира на законска дефиниција на дејноста, нејзино регулирање и ,се разбира ,заштита. Пред две години се обидовме но процесот застана бидејќи немавме технички ни финансиски можности да го реализираме. Тоа ќе остане на новото раководство што треба да се изгласа деновиве.

Кога гледаш како функционира работата на естрадата во соседството,а како кај нас, што мислиш, кој е најголемиот проблем што каскаме зад нив?

– Ние секогаш сме биле неефикасни кога е во прашање организација. Тоа е случај и во оваа област. Ни недостига свест за здружување, обединување. Не знам како е точно во соседните земји,Хрватска има музичка унија, во Србија повеќе здруженија,но знам дека во развиениот свет има музички синдикати. На пример кога гостуваме во тие земји организаторот плаќа такса на тамошниот синдикат. Ние сме вон системска бранша и затоа немаме синдикат. За тоа се најмалку виновни уметниците.

Многумина велат дека естрадата намерно не сака да се вработува, бидејќи повеќе и одговара да купуваат недвижности, отколку да отворат фирма со самовработување, да се осигураат и да плаќаат данок?

– Естрадата е повеќе илјадна нехомогена групација со најразлична ориентација. Не можам да давам такви паушални оценки за никого кој што сакал повеќе. Апсурдно е некој да отвора фирма за да работи како слободен уметник. Секако дека со договорите за ангажмани  автоматски се уплаќа и  персоналниот данок.

Дали пејачите и музичарите се задоволни тоа колку се платени тезгите? Или свадбите? Бидејки за најголем дел од нив тоа е единствената егзистенција?

– Цените за ангажманите се формираат на слободниот пазар како и сѐ друго и варираат според понудата и побарувачката.   Не знам кој е задоволен а кој не, тоа е индивидуално. Сметам дека цените се горе долу  соодветни на општата состојба во земјава.

Весна Миленковска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1