ММС

Објавено на: 05/4/20 11:30 AM

Почина кога се подготвуваше да запее во чест на Гоце Делчев- 19 години од смртта на Васка Илиева, кралицата на македонската изворна песна

Денеска се навршуваат 19 години од смртта на Васка Илиева , доајен на македонската народна песна и една од најпознатите македонски изведувачи на народна музика.  Родена е во скопската населба Чаир во семејство на музичари. Нејзиниот татко, Тодор Бошков Велков, бил познат гајдаџија. Васка кариера ја започнува Државниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“. Поради ненадминатиот стил на пеење и неповторливиот глас брзо станала многу популарна и настапувала на безброј концерти, не само во татковината, туку и во тогашна Југославија, како и секаде во светот каде што живеат Македонци.

Станува препознатлива со песните: „Земјо македонска“, „Имала мајка“, „Излегол Невен Пејо“, „Аир да не сториш мајко“, „Сестра кани брата на вечера“ и многу, многу други. За време на долгата музичка кариера, во Македонија и насекаде по светот каде што живеат Македонци ја нарекуваа „Жива легенда“ на македонската народна песна, „Кралица на македонската народна песна“, како и „Амбасадор на македонската народна музика“.

Силно ги брануваше емоциите на секој еден Македонец каде и да беше. Со своите настапи, носеше и радост и лек, будеше носталгија, и тага и болка, ама и безграничен патриотизам.  Беше најголемиот амбасадор на Македонија.Секаде каде што гостуваше луѓето ја пречекуваа со френетичко скандирање. Велеше, „додека можам да пеам ќе патувам насекаде и ќе ги веселам луѓето“. Но, животот не ја поштеди и не ја направи имуна на лични трагедии и човечки несреќи. Ама беше силна жена. Ретко ведар човек, позитивна личност, со позитивна енергија. Комуникативна и отворена. Секогаш насмеана, подготвена за шега со секого. На нејзиното лице не можеше да се види израз на грижа, нерасположба, замисленост, лутина или тага. Само таа знаеше како и е во душата, тагата ја носеше закопана длабоко во срцето.

Нејзиниот брат Трпе Бошковски своевремено раскажа дел од нејзиниот живот.

– Васка беше своевиден феномен. Беше многу сигурна на сцената, со гордост кажуваше дека никогаш пред настап или концерт не ги чита текстовите на песните за да се потсети, велеше дека песните и се запишани длабоко во сознанието. Секогаш пееше во живо, за неа беше мачење пеењето на плеј бек затоа што нејзиното пеење доаѓаше од душата и не признаваше, како што велеше, отворање на уста и никогаш и не „запеа“ така. Васка беше голем патриот, изгорена за Македонија и за судбината на македонскиот народ, откри братот Трпе.

Големо влијание врз нејзината песна мал татко и, прв гајдаџија и еден од основачите на Ансамблот „Танец“.

– Татко ни беше автор на хумористичната песна „Зајко кокорајко“ и беше прв гајдаџија. Васка со 17 години веќе беше мажена и работеше во Монополот.  Со сопругот живееја бедно, и иако татко ми на почетокот не се согласуваше со нејзината желба, таа собра храброст и запеа и, и покрај незадоволството и патријархалното воспитување на мажот и, оти морала да оди и на турнеи, бидејќи се вработи во „Танец“,  открил брат и своевремено за МИА .

Со надминувањето на тремата и на предрасудите практично почнува кариерата на Васка која некои набргу ја нарекоа – Мајка на македонската изворна песна.

Васка во една прилика ќе изјави:. Татко ми работеше во „Танец“ и од немајкаде ме вработи таму. Рака на срце и ни требаа пари, бевме многу бедни, а на „Танец“ му требаа солисти, тогаш имаше само играорци. И само што почнав да работам, заминававме на турнеја. Турнејата траеше еден месец, а мене мојот сопруг не ме пушташе. Татко ми ме пушташе, а тој не сака да слушне. Јас заминав, а кога се вратив, тој ми ги зеде парите, ми ја искина носијата и ме остави на два ума – да продолжам да пеам или да останам со него? Еден ден сепак решив да му се вратам на пеењето, а маж ми ако сака нека ме остави, си реков, вака повеќе не може. И така останав со песната и со музиката“.

Во својата кариера пеела пред кралицата Елизабета, пред Черчил, пред Марија Калас која ја гушнала во знак на восхит, пред Тито…Била искрена кога велела  дека „песната многу ми даде, ама многу и ми зеде“. Загубеното чедо, прокоцканата лична среќа, два развода зад себе…

– Може избрзав, но ете со песна си ја лечев болката… И можат сите да се фалат, да зборуваат вака и онака, ама сите несреќи во браковите наши, во животот – се е тоа од професијава наша, од песната… Така течеше и животот мој: од една страна среќна, со песната, што оставив нешто, да се слуша, а од друга, ете немаш среќа…, си ја отвораше таа душата пред јавноста во поодминатите години.

„ Можеби да ми беше живо детето, сигурно ќе посакав да родам уште едно. А, сето она што тогаш се случи беше директна причина никогаш повеќе да не помислам да имам деца и целосно да и се посветам на песната. Знаете, кога имаш семејство, маж, деца, тогаш и обврските се поголеми. Сакала или не ќе мораш да се свртиш кон нив. Ама јас, што да правам, ми останува само песната. Но, и покрај се, јас сум пред се домаќинка, велеше таа.

Брат  во интервју за МИА открил дека Васка била бремена, се породила, но што се случило ни таа самата не знаела. Од кога се породила го видела само еднаш, а ден подоцна од болницата и рекле дека детето и умрело.

– До крајот на животот Васка не веруваше дека детето и е умрено. Најмногу затоа што не и дале ниту потврда за смртта, ниту и објасниле од што починало, само ја известиле, изјавил братот Трпе.

Сведок на нејзината лична загуба и семејна трагедија била мајка на колешка на една од внуките на Васка која во исто време била породена во истата болница, па дури била сместена и во истата соба. По нејзино кажување, кога на Васка и кажале дека и умрело детето, таа избезумена од болка избегала од болницата таква каква што била во моментот, по ноќница и боса и веќе не се вратила. Толку трауматично го доживеала губењето на својата прва и единствена рожба. До крајот на животот Васка не го криеше сомнежот дека детето и е живо и во некои интервјуа за тоа има изјавено „дека уште кога работела во „Танец“ ја условиле – или дете или кариера, па од таму и сомнежот“.

А многу сакаше да биде мајка, да има деца, ама ете судбината се поигра со неа да остане без пород, цел живот сама. На сите ни е јасно дека во песната бараше и лек и утеха и бегство. Судбината се поигра повторно со Васка и многу години подоцна. Во екот на нејзината кариера, во нејзината петта деценија, таа се разведе од првиот сопруг, Христо Кице Илиев и потоа пак се омажи за војното лице Ристо Глоговац. За кратко.

За сите било шок што се разведува на стари години. Се премажи од каприц. Беше јасно дека не станува збор за цврста врска што се покажа со разводот по само две-три години брак. Вториот развод го дочека на 57 години. Набргу по разводите и двајцата сопружници починале.

Братот раскажал дека по распадот на првиот брак, Васка си го задржала презимето Илиева затоа што со него ја стекнала целата популарност. Откако се омажила по втор пат го додала презимето Глоговац, од вториот сопруг и на неколку плочи што ги има издадено во тој период од својот живот се има потпишано Васка Илиева-Глоговац.

Васка замина во легендите на 4 мај 2001 година во 78-та година од животот, со песните за големиот Гоце Делчев. Фаталниот мозочен удар ја пресретнал во нејзиниот дом кога се подготвувала за снимање за одбележување на смртта на легендарниот Гоце Делчев.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1