ММС

Објавено на: 04/28/20 2:08 PM

Со Ковид-19 се заразив преку очите, вели лекарот Ване Ѓоргов, анестезиолог во штипската болница

Лекарот Ване Ѓоргов, анестезиолог во болницата во Штип, од денес може да излегува од дома. Тој од крајот на минатиот месец е во изолација, бидејќи од пациентка се заразија и тој и уште неколку сестри и болничар на инфективното одделение во Штип. Тој тврди дека вирусот од заразената пациентка го прифатил преку очите, бидејќи носел заштитна маска, но не носел наочари.

-Тоа беше во понеделникот на 30 март, а јас веќе наредниот ден бев пратен во изолација. На пациентката на 31 и е направен трет тест, кои покажал дека е позитивен дури вечерта во 19 часот, а претходните два биле негативни.Не секогаш треба да се водиме по резултатот од тестовите, туку многу е битна клиничката слика. Пациентката само што ќе ја видите веднаш ќе сватите дека беше заразена од Ковид-19. Видовме дека брефташе и молеше за воздух. Кога направивме компјутерска снимка веќе ¾ од белите дробови и беа инфилтрирани, односно зафатени. Тоа беше страшен наод. За жал пациентката по 7/8 дена почина на Инфективно во Скопје, вели доктор Ѓоргов.

Според него најголемиот проблем што тој и други колеги се заразиле било што не носеле визири и скафандери, не биле доволно заштитени.

Сега веќе се опремени со заштитна опрема, вели лекарот Ѓоргов 

-Колегите анестезиолози доаѓаат секој трет ден по 24 часа на работа, а наредните два дена одмараат,  за разлка од мене кој со своите 59 години го користи правото да не дежура. Затоа одам само прва смена. На повик од колегите од Инфективно морав да отидам да видам пациентка. Кога стасав реков кажете ми ја постапката. Што да правам јас што треба да облечам за да дојдам до пациентка. Тоа беше момент кога немаше многу заштитни средства, односно имаше ама се штедеа. Кога ме повикаа на Инфективното одделение не ми кажаа дека има таква пациентка. Јас не знаев. Ми дадоа дезифиценс, кој не го бендисав бидејќи се лепеше за раце, па ставив алкохолен. Потоа ставив ракавици и врз нив повторно ставив дезифициенс. Имав две маски на лицето, но немав визир.  Јас секогаш носев две маски, со ластичиња за ушите и по тоа ме знаеја колегите. Кога ја видов пациентката како голта за воздух а не може да вдиши… Каква борба за воздух беше тоа.  Беше страшно. Кога го видов тоа се пресекнав. Немав заштититен скафандер, ниту визир. Ниту сестрите, ниту болничарите. А инфектологот имаше наочари, визир, скафандер. Ми беше глупаво ама се ставив заедно со останатите колеги, си реков ако они немаат и јас ќе немам. И после сите што бевме незаштитени, на тестирањето излеговме позитивни. А јас пак, заборавив да си ги земам наочарите и тоа е моја грешка, мој минус. Пациентката многу кашлаше и кога болничарот ја земаше од компјутер да ја донесе до количката. Нормално беше да се заразиме, јас и инфектологот цел час се задржавме со пациентката, објаснува доктор Ѓоргов.

Тој е убеден дека заразата кај него преминала исклучиво преку очите,бидејќи се друго на лицето му било заштитено.

-Мислам дека се заразив преку очите бидејки имав многу силно воспаление на очите проследено со многу чешање. Тоа беше  многу силно. Кашлав, имав моменти кога тешко дишев, имав болка зад градите ама тоа беше само неколку часа во текот на ноќта, што се повтори и после 3-4 дена. Па јас од грип кога сум бил болен сум се чувствувал многу потешко отколку од Корона. Имав и дијареа, вели Ѓоргов.

Според него откако бил во контакт со пациентката после 3-4 дена му се појавиле симптомите. Тој вели дека побарал да се тестира, но му рекле дека се уште е рано и треба да почека.

– После неколку дена од прегледот на пациентката го имав првиот напад, но по завршување на нападот како да ништо не се случило. Вториот напад ми се случи по 7-8 дена, кога пак ги добив истите симптоми. Се јавив на колегите и им дадов предлог да се тестирам приватно, но ми рекоа дека нашето тестирање е закажано на 12тиот ден.  Се тестирав и тогаш излезе дека сум позитивен. А јас веќе немав никакви симптоми, бидејки симптомите завршија на осмиот ден. Точно 30 дена сум бил во изолација. Цело време бев под клуч. Брат ми ми купуваше тоа што треба. Тој ќе донесе пред врата ќе си замине, па јас ке излезам да го земам лебот или било што ми купил, вели лекарот и додава:

„ Конторла од колегите од Инфективно имав секој ден. Ме прашуваа како сум, како ми дејствува терапија и имам ли некои доплнителни симптоми. На иницијатива на колешка кардиолог и во договор со инфектолог  направив комплетен преглед, бев и на компјутер. Немав никаква промена на градите, во лабораторија беше се во ред. Тоа ме утеши, значеше дека болеста ќе ја поминам со бенигни симптоми. Уште еден симптом кој ми укаживаше дека можеби влезното место за зараза со Ковид -19 беше чешањето на очните капаци и се уште ми остана навиката пред огледало секогаш да гледам дали има промени и покрај тоа што сите други симптоми ги немаше веќе,  Додека бев во изолација примав ударна доза сумамед и тамифлу, кој од третиот ден го прекинав, кој кај мене покажа нус појава, ми се излупи кожата на лицето, а тоа е една од несаканите ефекти на лекот„.

Ѓоргов изолацијата читал книги, играл сложувалки, сликал слики со пастели и не обрнувал внимание на озборувањата.

-Јас имам многу хобија и не ми беше тешко. Сликав слики со пастели, на компјутер наредив околу 200 сложувалки. Читав романи кои не сум ги читал на млади години а ми кажале дека се убави. Првите денови слушнав муабет за мене. Син ми работи во ланец самопослуги, па му нарачав квасец, немавме дома.  Ми го донесе пред врата и си замина. За кусо време ми се јави епидемиологот да ме праша дали имам контакто со детето. Па, не сум луд да заразам било кого а особено не сопственото дете. Потоа сватив дека соседите го прават тоа, гледаат кој влегува и кој излегува. Од друга страна, пак, морам да признаам дека  добивав пораки на поддршка кои ме расплакаа. Мислам дека сепак, кај мене преовладуваа позитивните пораки, бидејки како лекар сум пружил помош на половина град, додава Ѓоргов.

Весна Миленковска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1