ММС

Објавено на: 04/23/20 6:32 AM

Во Турција настапи четиридневно ограничување на движењето во 31 област

Во Турција од полноќ на сила е четиридневно ограничување на движењето кое се однесува на 31 област, јавува агенцијата Анадолија.

Одлуката е донесена во рамките на мерките за спречување на ширењето на новиот тип коронавирус Ковид-19.

Ограничувањето на движењето на сила е од 23 април до 26 април.

Областите кои се опфатени со одлуката се: Адана, Анкара, Анталија, Ајдин, Баликесир, Бурса, Денизли, Дијарбакир, Ерзурум, Ескишехир, Газиантеп, Хатај, Истанбул, Измир, Кахраманмараш, Кајсери, Коџаели, Коња, Малатја, Маниса, Мардин , Мугла, Орду, Сакарја, Самсун, Шанлџурфа, Текирдаг, Трабзон, Ван и Зонгулдак. Одлуката се однесува на сите граѓани, со одредени исклучоци.

Со оглед на претстојниот месец Рамазан, маркетите во четврток и петок ќе работат од 9 до 14 часот. Граѓаните ќе можат да одат во маркетите (освен лицата над 65 години и помладите од 20 години) со цел да ги купат потребните намирници, под услов на ограничено движење, без употреба на возила (освен за лицата со посебни потреби) и до продавниците кои се најблиски до нивното место на живеење.

Во истиот период продавниците ќе имаат можност за достава.

Продавниците во текот на викендот ќе бидат затворени. За време на периодот на ограничено движење ќе работат пекарите, како и местата за производство и продажба на слатки.

Во часовите на забрана на движењето во четврток и петок, и за време на викендот, фирмите кои произведуваат или продаваат слатки ќе имаат можност за достава.

Во текот на овие четири дена ќе работат угостителските објекти само со достава, местата за производство на лекови, медицински маски и средства за дезинфекција, аптеките, ветеринарните станици, како и организациите и институциите неопходни за пружање на јавните услуги.

Исклучок од одлуката за ограничување на движењето се медицинските работници и припадниците на безбедносните сили за кои ќе се обезбеди јавен превоз.

Исто така, ќе се направи и план за достава на леб за сите градови и дистрикти.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.