ММС

Објавено на: 04/13/20 10:54 AM

ОПЕК од 1 мај го намалува производството на нафта за 9,7 милиони барели дневно

ОПЕК и земјите сојузнички доцна синоќа соопштија дека се согласиле да го намалат производството на сурова нафта за вкупно 9,7 милиони барели на ден почнувајќи од 1 мај, пренесува aгенцијаta Анадолија (АА).

„Првичното намалување на производството од 9,7 милиони барели на ден ќе важи до 30 јуни годинава“, се вели во соопштението на ОПЕК.

За наредниот шестмесечен период, од 1 јули до 31 декември, вкупното намалување на производството ќе изнесува 7,7 милиони барели на ден.

Ова ќе биде проследено со приспособување од 5,8 милиони барели на ден во период од 16 месеци, од 1 јануари 2021 година до 30 април 2022 година.

„Во соопштението се истакнува дека 23-те земји членки на организацијата, позната како ОПЕК +, ќе го намалат своето индивидуално производство на нафта врз основа на нивното ниво на производство во октомври 2018 година“, се вели во соопштението.

Сепак, и клучната земја членка на ОПЕК, Саудиска Арабија, и земјата лидер вон ОПЕК, Русија, ќе го намалат своето индивидуално производство од нивото од 11 милиони барели на ден.

Сегашниот договор ќе важи до 30 април 2022 година, со натамошно разгледување за негово евентуално продолжување во декември 2021 година.

Земјите членки на ОПЕК + ќе се состанат на 10 јуни оваа година преку видеоконференциска врска за да утврдат дали се потребни дополнителни активности за балансирање на глобалниот пазар на нафтата.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.