ММС

Гостиварскиот центар за јавно здравје повторно ќе работи, тестовите на вработените негативни

Постојат големи изгледи гостиварскиот центар за јавно здравје од утре да биде повторно отворен. Конечната одлука треба да ја донесат здравствените власти во текот на денот. Од петокот, превентивно вработените беа во домашна изолација.

Ваквата најава ја потврдија вработени во центарот, откако стигнале последните резултати на тестовите. Дополнителните тестирања на дваесеттината вработени во гостиварскиот центар за јавно здравје кои се покажале како негативни, ќе овозможат нивно враќање на работа.

Епидемиолошката служба земањето на брисови ќе го прави во одвоен дел, кој се наоѓа во некогашното одделение за хемодијализа. Вториот пункт се очекува да биде отворен деновиве во објект на здравствениот дом познат како „Трудова медицина”.

Работењето на гостиварскиот центар за јавно здравје беше отежнато откако на прв тест, медицински техничар во епидемиолошкото одделение се покажа како позитивен на корона тест. За да се спречи евентуално ширење на вирусот, здравствените власти го затворија, а вработените испратени во домашна изолација.