ММС

Коронавирус: Жариштето се преселува во САД, загрижувачки бројки и во Франција

Бројот на заболените од коронавирус во светот, според податоците од синоќа, надмина еден милион и триста илјади, од кои околу 280.000 се излекувани, а околу 75.000 починале. Жариштето од Европа полека се сели во САД, каде што бројот на заразените надмина 360.000, а на починатите е речиси 11.000. Само за 24 часа во САД починале 1.104 луѓе.

Во Италија има вкупно околу 133.000 заразени, а 16.500 починати, од кои во последните 24 часа биле 636, а новозаболени биле 3.599, што е значително помалку во однос на најтешките денови. Во Шпанија за 24 часа се регистрирани нови 4.273 случаи и 528 починати. Вкупниот број заразени во таа земја е околу 135.000, а на починатите 13.200. По САД, со најмногу починати за 24 часа имало во Франција (833), а вкупно во неа досега има речиси 100.000 заразени и околу 9.000 починати. Во Велика Британија има вкупно околу 50.000 заболени и 5.000 починати.

На Балканот, во Грција бројот на заболените се доближува до 2.000, починати се осумдесетина луѓе. Во Србија има 2.200 заболени и 58 починати, во Хрватска, каде во последните 24 часа биле регистрирани само 40 нови случаи, има вкупно 1.222 заразени и 16 починати, во БиХ има 674 заразени и 29 починати, во Турција бројот на заразените вчера првпат надмина 30.000, а има починато 649 луѓе…

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.