ММС

Објавено на: 04/4/20 9:24 AM

Жртвата може да му прости на насилникот, но државата не смее – децидни се од невладиниот сектор

Младата штипјанка која е жртва на насилство од двајца свои сограѓани е спремна да ги помине сите чекори кои се потребни за да ја преброди траумата од немилиот настан, кој беше документиран со видео запис. Ова во изјава за Македнскиот медиа сервис го тврди претседателката на Едукативно хуманитарната организација ЕХО Бети Пеева, чии претставници вчера присуствуваа на средбата на девојката со градоначалникот и тимот на Центарот за социјални работи Штип. Социјалните служби на вчерашниот состанок најавиле дека на девојката ќе и’ обезбедат еднократна парична помош, но и дека ќе ја вметнат во системот за социјална помош.

Од невладиниот сектор пак, поднеле барање до Општината на младата Катерина да и’ бидат одобрени средства од Фондот за интервентна помош на жртви на насилство при Програмата за еднакви можности.

„Поднесовме барање овој Фонд да се искористи, за да може девојката да обезбеди превоз до институциите, или до нашите простории ако биде потребно. Освен Фондот за интервентна финансиска помош, постои и Фонд во Програмата за социјална заштита кој би можел да се користи за помош на жртвите на насилство. Дефинитивно ние со Центарот сме на иста линија, се координираме. Девојката е спремна да ги помине сите чекори што се потребни, сите во тимот сме тука за да и’ помогнеме на најдобар можен начин секој со своите ресурси. Може и да се активира адвокат од кај нас, кој е обучен за ваквo постапување. Ќе биде безбедена и психосоцијална поддршка“, истакнува Пеева.

Штипјанката која беше жртва на насилство во изјава за Клан ТВ посочи дека со еден од сторителите се знаат од мали и како што додаде „нема смисла да се караат“. Ја прашавме Пеева дали и колку често жртвите се спремни да им простат на насилниците.

„Објавувањето на видеото колку и  да е негативно како појава, беше освестувачки чин бидејќи манифестираше што претставува насилството врз жена или девојка.  Она што ние допрва треба да го учиме и она што стои во препораките од Истанбулската конвенција е дека жртвата може да прости на тој што го сторил насилството, но државата не смее да прости. Затоа ова треба да оди по службена должност. Жртвите не се свесни понекогаш за своите права и затоа како треба да се санкционираат сторителите, но системот нема да дозволи ова да се случи“, потенцира претседателката на ЕХО.

Во врска со состанокот, штипскиот градоначалник Благој Бочварски се огласи на социјалната мрежа Фејсбук.

Апелирам до сите граѓани да покажат висока свест и да се воздржат од коментари со кои вршат двојно виктимизирање. Од сите нас зависи залекувањето на раните, и буквални, и фигуративни, од грозоморниот настан кој вчера го посведочивме. Со нашата одлучност, многу разбирање и институционална поддршка да овозможиме Катерина да го надмине овој тежок период, а со позитивна промена на начините на изразување, говор и однесување да придонесеме вакви немили настани повеќе да не се случуваат – стои во објавата.

Осуда за чинот на насилство кој  се случил пред околу еден месец, иако за него јавноста дозна вчера, пристигна и од Националниот совет за родова рамноправност. Од Советот ги повикаа жртвите на насилство да ги пријават ваквите случаи на бесплатната линија 141 700.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.