ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 04/1/20 8:05 AM

#Седидома: Ова време за поминување со блиските и со самата себе ми е добредојдено, вели Ружица, пејачка на групата „Ареа“

Јас не сум типичен пример за некој што е во самоизолација, вели вокалот на групата „Ареа“, Ружица Брчиоска. Таа не е од оние, кои мора да бидат постојано дома,  мора да одговори на работните задачи. А по работа ужива да седи дома во самоизолација, бидејки ужива во друштво на сопругот Ивица и ќерката Елена.

-Во ова време на короната кога препораката: седи дома, е правило бр.1 кое треба да се почитува, а јас не можам, бидејќи  како и во нормални услови секојдневно одам на работа. Останатото време го почитувам правилото и седам дома и воопшто не ми паѓа тешко. Дури мислам дека е доста корисно, бидејќи ако го тргнам стресот од секојдневните информации за состојбата во земјава и светот со заболените со коронавирусот, ова време за поминување со блиските и со самата себе ми е добредојдено. Пред се со самата себе. Сфатив дека вакво нешто е потребно, бидејќи се што сега треба да правам е да се смирам и сама да си го организирам времето. Го нема притисокот дека: имам ваква и ваква обврска, треба ваму и таму да одам, да се сретнам со овој и оној,  да ја завршам оваа и онаа работа, треба ова, треба она… И кога ќе го тргнеш целиот тој стрес дека треба да правиш се што ти е наметнато, се пронаоѓаш себе си и работиш смирено и среќен си. Во она време што го одвојувам за себе си, главно слушам музика или пишувам текстови за песни на предлози што Ивица ми ги дава како музички склопени композиции, вели Ружица.

Таа не е од оние кои на самоизолацијата грелаат како на ужас, напротив како корисно помнато време дома, нешто што порано го немало или го имало ретко.

-Времето поминато со најблиските, со Елена и Ивица ми е добредојдено. Сфативме дека премалку време сме поминувале заедно, дека сме биле секој на своја страна. Сега сме повеќе време заедно, пронаоѓаме работи кои можеме да ги правиме заеднички, се учиме да даваме простор  еден на друг, се учиме да не правиме притисок еден на друг, пред се се учиме да даваме слобода еден на друг. Бидејќи слободен е само оној кој им дава слобода на другите, вели таа.

В. Миленковска

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1