ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 06/4/18 11:54 AM

Зависност од национална слава

Британскиот идентитет – поточно, неговата патриотска, одбрана, со слава опиена верзија – денеска е многу слаб и не може да издржи проблематизирање и  критика.

Околу мене беснее културна војна, пишува Afua Hirsch за Гардиан. Од една страна е сеприсутната амнезијата под покровителство на државата. Пример за тоа е филмот кој освои Оскар, во кој Винстон Черчил во најмрачниот момент сам се спротивставува на нацистите и фашизмот, при што Велика Британија е мала земја во северниот Атлантик, осамена и сиромашна. Наспроти тоа е фактот дека Велика Британија во тоа време е империјална сила, чија огромна моќ почива на индиска, африканска, канадска и австралиска работна сила, ресурси и богатство.

Пример за државна амнезија е и кога во Полска се  усвојува закон со кој оние кои изнесуваат непријатни факти за полското соучество во Холокаустот – тврдоглави историчари, преживеани логораши и водичи во Аушвиц – може да добијат до три години затвор. Пример за амнезија е и кога американската држава Тенеси донесе закон против отстранување на конфедерациските споменици иако тие, како што вели поранешниот градоначалник на Њу Орлеанс Мич Лендру, „свесно воздигнуваат имагинарна, прочистена верзија на историјата на Конфедерацијата и го игнорираат ропството и ужасите кои тоа ги претставува“.

На другата страна се оние кои разбираат како некои историски наративи и споменици, често смислени и спроведени долго по настаните за кои сведочат – ја злоупотребуваат историјата против одредени општествени групи. Поради тоа граѓаните на Јужна Африка се спротивставуваат на спомениците кои го слават апартхејдот; поради таа причина американските староседелци протестираат против Денот на благодарноста; поради тоа австралиските Абориџини бараат да се поништи  апсурдниот наратив за тоа дека Џејмс Кук го „открил“ нивниот континент и дека и тие треба да ги слават смелите истражувачи кои им ги масакрирале предците.

На таа страна се и оние Њујорчани кои ја  отстранија статуата на Џејмс Марион Симс, гинеколог кој без употреба на анестезија вршел експерименти над црните робинки; тука се и оние жители на Гана кои ја отстранија статуата на Ганди; како и жителите на Бристол кои бараат од познатата концертна сала во нивниот град да се избрише името на суровиот трговец со робови Едвард Колстон (тоа ќе биде направено во 2020). На таа страна се и луѓето од Карибите кои сакаат да знаат зошто нивните цркви се посветен на робовласниците кои ги мачеле нивните предци; или, во случај на Барбадос, зошто статуата на Хорацио Нелсон – кој бил пријател на робовласниците и ги поддржувал интересите на плантажерите – стои во средината на нивниот главен град.

Во оваа воена зона влегов случајно. Минатата година предложив преиспитување на наследството на Нелсон. Не предлагав јуриш со булдожери на неговиот споменик на Трафалгар сквер како што си помислија некои. Едноставно повикав на преиспитување на досега неразјаснетите факти за тој човек.

Гласни и влијателни делови од британското општество сметаат дека тие факти не се битни и дека самото нивно споменување е ерес. Инстинктот им кажува да го „убијат гласникот“. Нашите бели машки медиумски великани – таа група е неверојатно демографски конзистентна – на простото нижење на историски факти одговараат со хистерични лични напади и со ударање со тупаница по масата. Ваква агресивна реакција е типична за зависниците кои се обидувате да ги ослободите од зависноста. Во овој случај Велика Британија е зависна од својата национална слава.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1