ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 06/4/18 11:42 AM

Италија доби влада, Брисел нови главоболки

Првата италијанска влада која се изроди од сојузот на релативно новото антисетаблишмент и евроскептични движење и партијата од крајната десница која заговара зауздување на имиграцијата и отфрлање на мерките за штедење, стапи на сцената под водство на новакот во политиката правникот Џузепе Конте кој вети спроведување политика против штедењето и јакнење на безбедноста на земјата, што предизвикува претпазливост и стравувања во Брисел, каде што сѐ уште се обидуваат да ги премостат разликите со „одметнатите“ централноевропски членки.

По речиси три месеци преговори, Движењето пет ѕвезди (М5Ѕ) и Лига постигнаа компромис со претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела, кој бараше гаранции дека Италија ќе остане во еврозоната. Претседателот стави спектакуларно вето на првата листа, што Брисел го поздрави за разлика од сличните потези на шефовите на други држави, на пример на Македонија, на првата листа којашто мандатор му ја претстави пред две седмици. Тогаш одби да го потврди 81-годишниот економист Паоло Савона, гласен критичар на еврото и Европската унија, за клучниот ресор – министерството за финансии.

Кога беше веќе отворен патот кон влегување на земјата во уставна криза и можни нови избори, а јавното мнение покажуваше дека на нив двете партии би можеле уште повеќе да ги зацврстат своите позиции, следеше пресврт и Матарела со видно олеснување се откажа од именувањето технократска влада и го потпиша предлогот за нов министер за финансии. Наместо Савоне, во овој извонредно важен ресор во третата економија според обемот во еврозоната, доаѓа помалку за пошироката јавност познатиот Џовани Триа, професор по економија на римскиот универзитет Тор Вергата. И Триа е критичен во однос на управување со економијата на ЕУ, но за разлика од Савоне, не заговараше во минатото „план Б“, односно подготовка на Италија за моќно излегување од зоната на заедничната европска валута.

Педесет и четиригодишниот експерт по граѓанско и уставно право без политичко искуство, Џузепе Конте од пред две седмици кога го предложија двајцата партиски челници беше речиси непознат за пошироката јавност. Луиџи Ди Мајо, лидерот на М5Ѕ и Матео Салвини, претседателот на Лига, сега се заменици на премиерот. Ди Мајо е задолжен за економскиот развој и труд, а Салвини за внатрешни работи. Во владата ќе има 18 министри од кои пет се жени. Со распределбата на местата во владата двата сојузника речиси се израмнети, иако Лигата доби само 17 отсто од гласовите на парламентарните избори на 4-ти март, наспроти над 32 отсто за Движењето пет ѕвезди коешто како и на претходните избори е поединечно најсилната партија во парламентот, но десниот блок освои вкупно повеќе гласови. Енцо Моаверо, поранешниот министер за ЕУ во технократската влада на Марио Монти, ќе биде шеф на дипломатијата, а Савона е утешен со позицијата министер за ЕУ.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1