ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 06/4/18 10:30 AM

Јули е новиот рок за чистење на струшката депонија

Нови ветувања на струшките локални власти дека проблемот со дивата депонија ќе се реши до почетокот на јули, откако првичните ветувања беа дека решение ќе има до мај, но тие не се реализираа. Во моментов на локацијата кај постоечката депонија се одвиваат градежни активности за изградба на собирен пункт со претоварна станица каде што отпадот ќе се пресира и во специјални контејнери ќе се носи на депонијата Дрисла кај Скопје. Градоначалникот на Струга очекува дека најдоцна до 10 јули пунктот да биде ставен во функција.

„…Веруваме дека ова лето нема да гледаме оган и злоупотреба, односно загадување на животната средина во Струга и нејзината околина“, рече Рамиз Мерко- градоначалник на Струга.

Но, граѓанските активисти се скептични дека проблемот ќе може да се реши. Сметаат дека вака како што се најавува, тоа значи само делумно решение.

„Факт е дека општината сама нема да може да го реши проблемот без помош од Владата… Според наши сознанија, станува збор за милиони метри кубни смет кој е концентриран на една површина од 20 илјади метри квадратни“, рече Ардијан Демири- иницијатива Стружани за Струга.

„Не сме задоволни од динамиката на решавање на овој проблем. На двапати сме сведоци на одлагање на решавање на проблемот и сметаме дека ваквиот проблем, како проблем број еден на градот, треба да добие поголемо внимание и од страната на локалната и централната власт со цел негово конечно решавање“, изјави Глигор Ќатоски- иницијатива „Доста е“.

„Мислам дека да, ќе го средиме проблемот, верувам дека многу брзо. Се надеваме дека нема да има пожари повторно.“

„Јас повеќе во ништо не верувам. Со таа депонија се отрувме. Не знам како ќе го решат тоа, ако воопшто можат да го решат“, рекоа граѓани на Струга.

Најважен момент од кој ќе зависи како во иднина ќе се реши собирањето и третманот на комуналниот отпад од Струга и околината, останува отвореното прашање за евентуалната изградба на регионална депонија. Таа е планирана да се гради во соседната општина Дебарца, но тамошните локални власти и граѓаните тоа не го дозволуваат.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1