– ММС
Македонија

Проф. Чучкова: Короната психолошки ќе не’ убие или ќе не’ направи подобри луѓе-Четири фази на емоционалниот пат во самоизолација

Од херојска фаза, преку комфор па разочарување до реконструкција. Вака накратко изгледа емоционалниот пат по кој поминува еден народ за време на криза, како што е вонредната состојба со корона вирусот во моментов – објаснува психологот, Ана Чучкова, доцент професор на Факултетот за психологија при Меѓунардниот Славјански Универзитетот „Гаврило Державин“. Во состојба како што е актуелната постојат четири емоционални фази од кои првата е херојска, кога луѓето, како што вели таа, се чувствуваат силни.

„Тоа е фаза во која луѓето се чувствуваат силни и си мислат дека нештото им се случува на другите, но не и ним. Станува збор за оние моменти кога мислевме дека Италија е многу далеку. Оваа фаза е карактеристична и преку поривот за херојство, односно народот се соединува преку одредени херојски подвизи, да се помогне, да се биде трпелив и хуман и слично“, појаснува Чучкова.

Втората емоционална фаза е наречена „меден месец“ бидејќи тогаш луѓето создаваат комфор зона, а што тоа конкретно значи, Чучкова објаснува за читателите на Македонскиот медиа сервис:

„Пробуваме да се приспособиме на нови правила и тоа ќе потрае сигурно месец, два и тоа кај нас буди нови состојби, нови емоции за кои можеби никогаш не сме размислувале дека ќе се појават.  Можеме на почеток да имаме еуфорија, почнуваме да правиме работи за кои сме мислеле дека сме немале време да ги правиме и се чувствуваме посреќни. Таа фаза на некој начин може да се нарече меден месец. За жал тоа ќе трае кратко и потоа кога ќе го прифатиме фактот дека ситуацијата ќе трае подолго може кај нас да се јави агресија или депресија.  Тоа зависи и од начинот на кој функционираме надвор од оваа криза“, вели Чучкова и додава:.

„Депресијата односно разочарувањето не треба да не’ плаши, иако може поневолно да почнеме да ги извршуваме домашните обврски, ќе бидеме неволни да ги правиме сите оние работи што ги препорачуваат многу стручни лица како што се читањето книги, играњето игри со децата во домот или работи кои претходно не можеле да ги прават. Меѓутоа, луѓето може да немаат волја да го прават сето тоа и тоа е во ред.  Би требало да си дозволиме неколку дена да не правиме ништо, тоа не е страшно.Четвртата или последната емоционална фаза се манифестира преку реконструкција, кога луѓето веќе се имаат прилагодено на ситуацијата, имаат усвоено нови механизми за справување со неа и веќе се помирни“.

Пандемијата и затворањето по дома не влијае само врз единката. Претпоставките, кои се многу силни, се дека изолацијата во оваа вонредна состојба може да ги стави на тест љубовните врски и браковите.

„Оваа тема треба да се сфати сериозно. Во овој период треба да се преиспитаме. Може да постои тензија меѓу сопружниците бидејќите се губат улогите од претходно. Сега се’ се сведува на две животни улоги – ќе бидеме сопруга или сопруг или родител, друго нема. Тензијата може да биде зголемена, но тоа не може да доведе до нарушување на односите ако претходно не постоел проблем со кој не сме сакале да се соочиме“, објаснува професорката.

Чучкова посочува и дека дека актуелната ситуација нема да влијае само на личноста, браковите и родителството, туку оваа психичка состојба на лугето може да се одрази и на семејните односи воопшто:

„Разнишувањето на семејните односи зависи од тоа дали веќе има проблем во семејството, кој не сме сакале да го погледнеме пред кризата. Веќе ќе мора да се соочиме со тој проблем и затоа многу психолози велат дека може да дојде до разнишување на семејните односи. Тој проблем веројатно е многу постар, но сега мора директно да се соочиме со него и ќе треба да најдеме решение“, вели таа.

Чучкова очекува ситуацијата да заврши со промени кај сите луѓе, бидејќи  токму сега имаат време да погледнат во себе и во луѓето кои ги опкружуваат.

Поинаку, додава таа, ќе ги перцепираме нештата, ќе бидеме променети од ова и се надевам дека тоа е позитивно за да сфатиме што значи нашата слобода и што значи кога некој ќе ни ја одземе, независно дали е тоа поради ваква криза или поради друг фактор:

„Секако дека можеме да извлечеме и поука од сето ова, иако се’ што се случува има и позитивни и негативни страни.  Ние ја избираме позитивната за да се разреши некој проблем. За да порасне личноста мора да има фрустрација, а фрустрацијата е таа точка во која почнуваме да се соочуваме со проблем, инаку нема да го решиме проблемот. Фрустрацијата има своја улога. Изолацијата исто така е еден вид фрустрација, после која имаме нови видувања за нас, се надевам позитивни“.

А за тоа дали луѓето кај нас ја имаат развиено свеста за работата на психолозите и психотерапевтите, таа тврди дека во последната деценија луѓето почнале да се грижат многу повеќе за своето ментално здравје, иако кај некои се’ уште постои срам да се посети стручно лице.  Истовремено потсетува дека од минатиот вторник е обезбедена и телефонска психолошка поддршка  и порачува граѓаните слободно да се обратат на објавените броеви, со цел полесно да се прилагодат на новонастанатата ситуација.

 

Лограње

X

Регистрација