– ММС
Вести избор на уредник Македонија

Четири лица од Кавадарци не ги почитувале препораките – обвинителството бара казни

Бидејќи не се придржувале на мерките и препораките за заштита од Ковид 19 и сториле кривично дело, за четири лица од Кавадарци обвинителството побара казни во висина од по 2000 евра.

„Обвинетите во одделни кривично правни настани не ги почитувале мерките за спречување или сузбивање на опасна заразна болест – коронавирус COVID 19 и не постапиле по определените прописи и упатства за сузбивање и спречување на заразна болест.  Еден од обвинетите пристигнал во земјава на 17 март од Република Србија патувајќи од држави со среден и висок ризик за ширење на коронавирусот и согласно мерките бил должен во период од 14 дена да не го напушта престојувалиштето што го пријавил како место каде ќе ја спроведе задолжителната самоизолација. При вршење на контрола од страна на полициските службеници, на 18 март, не бил затекнат дома“ стои во соопштението од Основното Јавно обвинителство Кавадарци.

Двајца од обвинетите пристигнале од Република Грција на 18 март, потпишале изјави за самоизолација и биле должни да ги почитуваат здравствените прописи. Но и покрај обврската за самоизолација не биле затекнати во нивните домови на 19 март, кога надлежните служби извршиле контрола.

Четвртиот обвинет на 19 март на граничниот премин “Деве Баир“пречекал лице кое се враќало од престој во Соединетите Американски Држави. Согласно Одлуката на домашните органи, обвинетиот потпишал изјава за самоизолација поради тоа што бил во контакт со лице кое дошло од земја со висок ризик од зараза. Но при извршена контрола не бил затекнат во домот каде требало да ја извршува должноста за самоизолација.

Постапувајќи спротивно на мерките за спречување на внесување и ширење на корона вирусот, обвинетите го сториле кривичното дело што им се става на товар за што обвинителството побара изрекување парична казна во висина од по 2000 евра во денарска противвредност за секој обвинет .

Во Кавадарци нема нови заболени од Ковид 19. Општината ја продолжи дезинфекцијата на сите возила кои влегуваат во градот, а денеска повторно по одлука на кризниот штаб се вршеше дезинфекција и на влезовите во станбените згради.

Тимот на градоначалникот Јанчев конструира автоматска машина со сензор која врши дезинфекција на возилата. Со тоа,  дваесетина лица кои беа присутни на пунктовите  се ослободени од оваа работна обврска и се користат за други цели.

„Ја направивме оваа автоматска машина за дезинфекција која е од голема корист. Општината не потроши ниту денар. Деловите се обезбедени од приватни компании“ вели Јанчев и апелираше до сите граѓани да ги почитуваат мерките за само изолација.

Ангел Данов

Лограње

X

Регистрација