– ММС
Вести Македонија

Димитриевски не отстапува од барањето за целосен карантин на Куманово

Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски и денеска побара Владата да го стави Куманово во целосен карантин со цел да се спречи ширењето на коронавирусот во градот, но и надвор од него.

Во тој случај, како што рече Димитриевски би се правела дезинфекција на сите возила на 12те влезови и излези од општината, а движењето би било контролирано од Министерството за внатрешни работи.

– Ние тоа го бараме веќе четврти ден и Владата секојдневно презема одредени мерки, ние сме благодарни на тоа и ќе постапуваме согласно одлуките што ќе ги донесе Владата. Имаме во Куманово 12 влезови и излези и доколку се донесе таква одлука во секој момент сме подготвени да ги опслужиме со комплетни тимови екипирани за вршење дезинфекција на самите пунктови, а паралелно со тоа целиот режим го дефинира Министерството за внатрешни работи по претходна одлука на Владата, изјави Димитриевски.

Тој вели дека ќе се прави дезинфекција на сите делови од градот каде живеат веќе потврдените случаи, околу нивните домови и во нивна близина.

Се апелира сите трговци во општината доколку се во можност да воведат телефонски сервис на кој граѓаните ќе можат да нарачуваат производи, кои подоцна би биле доставувани до нивните домови.

Кризниот штаб, како што информираше Димитриевски бара да се набави дополнителна заштитна опрема од општината првенствено за работните тимови во болницата, за полициските службеници и противпоаржната екипа.

Општа болница Куманово засега има доволно заштитна опрема за своите вработени, вели директорката Снежана Захариева.

Како што посочи таа, со моменталните залихи може да се издржат недела-две и бидејќи станува збор за потрошен материјал, од повеќе фактори зависи дали тој материјал ќе биде доволен и како ќе се набавува дополнителен.

– Ние имаме во моментов, може да издржиме недела две, меѓутоа не знаеме наплив на пациенти во нареден период колку ќе бидат, така  да тоа е потрошен материјал, кој постојано треба да се дотура, ако се реши проблемот со редовен дотур на овие средства кои ги имаме тендерски и ако продолжат добавувачите и наши поддржувачи и пријатели да ни доставуваат редовна количина на маски, капи и други заштитни средства нема да имаме проблем, изјави Захариева.

Во Куманово досега има 11 случаи на Ковид19, од кои три регистрирани во последното деноноќие. Од денеска за градот важат и посебни мерки, забрана за јавниот градски и меѓуградски превоз, како и затворање на сите продавници кои се во трговски центри од полуотворен тип.

Лограње

X

Регистрација