– ММС
Вести Македонија

Д-р Нино Васев: Пациентите на Онкологија редовно ги примаат терапиите, контролите се одложуваат

Вонредната состојба во земјава го ограничи движењето и на Клиниката за онкологија при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Сепак директорот на Клиниката, д-р Нино Васев уверува дека нема потреба за загриженост кај пациентите. Тие може да ги примаат своите терапии или да дојдат на радиозрачење со однапред закажан термин. Она што сега е поразлично во функционирањето на Клиниката поради борбата со коронавирусот е тоа што од пациентите се бара да дојдат сами, односно без придружба на член од семејството како што обично прават. Отстапки единствено може да има за пациентите кои се неподвижни.

„Сите активности што ги правиме кон пациентите се практично исти, а добивме и известување од Министерството за здравство од каде е одлучено Онкологија да продолжи да работи нормално. Работиме нормално во смисла на тоа дека секој пациент што треба да прими хемотерапија, радиозрачење или некаква друга терапија може да си дојде на својот термин.  Единствено не примаме фамилии со пациентите односно придружба. Се примаат сами, се заклучува врата. Поради новите услови имаме ограничување на движење. Терапијата си оди, немаме проблем во таа смисла. Може да се направат отстапки кога пациентот е неподвижен. Во случај кога пациентот е неподвижен го носиме до таму до каде што треба, даваме придружба со маска, но кај нас генерално такви пациенти немаме многу, тоа се мал број пациенти, а плус си има и болничари кои го носат пациентот. Има луѓе кои доаѓаат со по тројца или четворица членови на семејството, ако се неподвижни може да дојдат со еден плус“, појаснува д-р Васев.

Според него, може да се примаат и пациенти без закажан термин доколку се работи за итен случај, но оние кои треба да дојдат на контрола да почекаат ситуацијата да стивне.

„Ако се работи за обични контроли тогаш може да се одложат, тоа се контроли кои се прават на шест месеци или на една година“, вели во изјава за Македонскиот медиа сервис, д-р Васев кој открива дека од недамна им се мери температура на сите кои доаѓаат на Клиниката.

Во изјавата за ММС, директорот објаснува зошто пациентите со малигни заболувања спаѓаат во групата на ранливи граѓани, особено во овој период додека трае борбата со корона вирусот.

„Генерално, хемотерапијата го намалува бројот на леукоцитите. Значи хемото може негде да го ослаби бројот на крвните зрнца, а имунитетот не е толку компромитиран да не може телото да се бори. Има жени што на пример земаат хемотерапија за ран рак на дојка како заштитна терапија. Кај нив имунитетот е малку ослабен, но во овие 30 години не сум видел пациентите како резултат на тоа да добиваат повеќе инфекции или грип. Пациентите со хронични болести пак, кои се метастатски, се поподложни на болести. За нив треба особено да се внимава и токму затоа ограничуваме влез. Тие пациенти имаат кревко здравје, не само сега во време на корона вирусот“.

„Колку и да сакаме да го организираме здравството во оваа земја, некој мора да го води и тоа не е лесно. Основно во оваа ситуација е дека мора да се седи дома, па потоа доаѓа миењето раце и социјални контакти што помалку. Сите проблеми што може да настанат во ширење на вирусот може да ги загрозат нашите онколошки болни и било кои болни граѓани. Онколошките пациенти за кое било малигно заболување може да се јават кај мене или кај некој од другите доктори и ќе им биде дадена соодветна терапија“, завршува д-р Васев.

Лограње

X

Регистрација