ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 06/4/18 9:20 AM

Во Дебар маало отворен првиот Театар на сенки „Сенки и облаци“

Во скопско Дебар маало е отворен првиот Театар на сенки „Сенки и облаци“. Театарот има репрертоар, работилници, а ќе има и ад-хок настани, свирки и друго. „Сенки и облаци“ се наоѓа до кафеаната „Наџак“.

– Луѓето од соседството, дебармаалците, беа зачудени и позитивно изненадени додека го подготвувавме Театарот. Кога не прашаа што ќе отвораме и кога им кажавме дека станува збор за театар, нивната реакција беше одлична. ’Во Дебар Маало, само кафани се отвораат. Браво! Конечно некој да отвори нешто друго. Театар.’ – раскажува Круме Стефановски, дипломиран актер и основач на „Сенки и облаци“.

Она што е за истакнување е ентузијазмот, но и посветеноста на екипата на „Сенки и облаци“ кои овој Театар на сенки го основаа без финансиска помош од државни институции и без странски или домашни фондови.

Театарската трупа Сенки и Облаци е целосно посветена на театарот и играта со сенки. Создадена од страна на Круме Стефановски во 2005 година набрзо ги привлекува и своите нови членови, сите со различни професии, а една пасија. Идејата е да се создаде мобилна и независна театарска платформа која преку еден стар медиум ке истражи начини на изразување и ќе допре до народот надвор од театарската сала. Репертоарот содржи претстави со различни теми како ново создадени така и адаптации на стари македонски. Овој театар не престанува во својата потрага по нови начини на изразување, алатки, звуци и сенки.

Театарот на сенки „Сенки и облаци“ е организатор на Интернационалниот фестивал „Сонот на облачето“ кој зад себе има пет изданија. На Фестивалите настапуваа гости од САД, Шпанија, Грузија, Франција, Бразил…

– Сенките се необични и интересни за сите, не само за децата, туку и за возрасните. Фестивалот е за деца, меѓутоа редовно и родителите се наши посетители. Сенката е секаде околу нас. Таа има магиска вредност, магиско значење, така што играта со сенки е предизвик на сите нас. Нашата цел е да ги испровоцираме децата и да ја разбудиме нивната имагинација, да направиме нешто што не е секојдневно, а не е скапо. Не треба да се оди во големите трговски центри, да се купуваат скапи играчки, кои, секако, нема да ги задоволат децата ни една недела, туку да се најде начин со нешто што е исконско и што го носиме, со сосема мали средства, со многу желба и имагинација да се направи една игра дома, која може да трае до бесконечност – вели Стефановски.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1